Македонија
(Видео) Заев во ОН: Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во Обединетите нации

Премиерот Зоран Заев имаше свое обраќање на пленарната сесија на 74. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
На почетокот тој се обрати на македонски јазик и, како што рече, за првпат откако нашата земја е членка на организацијата, говори како шеф на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија. Додаде дека тоа е резултат на спогодбата од Преспа, со што, како што кажа, се реши 27- годишната разлика со Грција за името на земјата како прашање што имаше сериозни негативни и регионални и мултилатерални импликации и ја оддалечи земјата од нејзиниот напредок во евро-атлантските интеграции.

Владина делегација на Генералното собрание на ОН
„Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан“, рече премиерот Заев на говорницата во ОН.
Тој додаде дека спогодбата од Преспа, заедно со договорот за пријателство со Бугарија, го забрзало нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ.
„Веруваме дека спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања“, потенцира Заев.
Осврнувајќи се на една од централните теми на ова собрание – климатските промени, премиерот Заев кажа дека е неопходна реализацијата на заклучоците од Парискиот договор и да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени како закана за безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото.
„Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики“, рече Заев.
Премиерот нагласи дека спроведувањето на Агендата 2030 и Целите за одржлив развој се од централно значење за постигнување вистинска промена и градење одржлива иднина за сите, особено во елиминирањето на сиромаштијата, нееднаквоста, негативното влијание на климатските промени, и дека Владата на Северна Македонија целосно се залага за спроведување на Агендата 2030 што произлегува од националните стратешки документи и локалните планови.
Заев зборуваше и за миграциите и за борбата против тероризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.