Македонија
Мицкоски во Битола: Заедно со граѓаните пишуваме програма со која би заслужиле место во историјата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Битола се обрати на настанот за кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“.
Како што објасни Мицкоски пред битолчани, основата на оваа кампања е да се слушнат реалните проблеми на граѓаните и истите да се опфатат во следната програма која што ќе биде дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
Порача и дека истата ќе биде поделена во два дела, не како што кажа, за да се добие на страници, туку на квалитет.
„Првиот дел за првпат во овие 28 години независност на Македонија ќе се обидеме да имаме интерактивна програма каде што ќе дадеме и ќе понудиме решенија за реалните проблеми на граѓаните, а не оние замислените. Денеска сме овде во Битола, па од тука очекуваме да заедно со вас ја напишеме онаа страница или оние страници кои што ќе бидат наменети овде за битолчани“, порача партискиот лидер.
Во однос на вториот дел од програмата рече дека е стратешки и дека за него веќе ги имаат главните контури.
„Ги работиме заедно со партиските комисии, со голем дел експерти од Македонија, но и од странство, од македонската дијаспора придонесуваат, морам да кажам, несебично. Тука се и телата од партијата, Извршниот, Централниот Комитет, Општинските Комитети, униите на ветерани, униите на жени, униите на млади сили“, истакна Мицкоски.
Додаде дека стремежот на ВМРО-ДПМНЕ е заедно со граѓаните, да направат нешто со кое ќе го заслужат местото во историјата.

„Нашата главна цел е за прв пат во вие 28 години самостојна, суверена, независна држава Република Македонија да заедно со граѓаните направиме нешто со кое што ќе го заслужиме и нашето место во историјата. Ја имаме сите таа можност, бидејќи овие кои што ветија живот пред неколку години, рачунајќи го денешниот ден, ни донесоа срам, понижувања, арамилук, пљачка и сето она кое што не требаше да го донесат“, реле лидерот на опозициската партија.
Тој во говорот ги повика владејачката СДСМ и премиерот Заев да се охрабрат и да распишат предвремени парламентарни избори за да се види што граѓаните имаат да кажат за актуелната влада.
„Нема никаде економски параметри коишто ги ветуваа, нема никаде 500 евра просечна плата. Нема 100.000 денари плата за докторите, но затоа гледаме секојдневно имаме по некој доктор или некој дел од медицинскиот персонал којшто ја напушта Македонија. Во делот на образованието немаме универзитети меѓу 500 ниту 1.000 според шангајската листа, гледаме дека немаме ниту универзитет меѓу 3.000 според шангајската листа, а ветуваа дека ќе имаме реформи, ќе имаме достоинствено образование“, забележа Мицкоски кој во однос на економијата ја спомена мерката „Мој ДДВ“ за која рече дека иако била помпезно најавувана, за еден квартал откако е започната, секој граѓанин се офајдил, како што кажа, дури со едно евро.

Партискиот претседател пред битолчани рече дека во програмата нема да ветуваат нешто што не можат да го направат.
„Тоа што ќе го ветиме, ќе го ветиме и ќе кажеме за колку време можеме да го испорачаме. Тоа што не можеме, ќе кажеме не можеме поради тие и тие причини. Ние нема да ветуваме живот како овие кои што донесоа пекол, срам и арамилук. Тоа што ќе го ветиме е пот, крв и солзи и обнова на Македонија“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

