Македонија
Под мотото „Биди херој на срцето, дај ветување дека ќе живееш здраво“ денеска се одбележа Светскиот ден на срцето
Биди херој на срцето дај ветување дека ќе живееш здраво. Под ова мото денеска се одбележа Светскиот ден на срцето.
Во Градскиот парк кај Школка, во организација на Институтот за јавно здравје и „ЗДРАВА ИДНИНА“ – Здружението за превенција од кардиоваскуларни заболувања, а со поддршка од Министерството за здравство, на присутните граѓани им се одредуваше шеќер и холестерол во крвта, се мереше крвниот притисок, се одредуваше индексот на телесната маса (ИТМ) преку мерење на телесната висина и тежина. Се даваа стручни совети во врска со нивната здравствена состојба и беа поделени флаери и друг вид здравствено-едукативен материјал од страна на здравствени работници од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, НВО „ЗДРАВА ИДНИНА” и Клиниката Жан Митрев.
„Светскиот ден на срцето – 29 Септември е посветен на здравиот стил на живот и спроведување на рани превентивни прегледи за да се намали нивото на стрес, да се живее здраво, да се консумира правилна и здрава исхрана, а помалку шекери и масти, да се каже не на пушењето, а да се биде физички поактивен најмалку 30 минути во денот“, порача проф. д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.
Болестите на срцето и крвните садови претставуваат голема, хетерогена група на заболувања и се на прво место како причинители за смрт во генералната популација во Македонија. Исхемичната болест на срцето со своите четири клинички форми – ангина пекторис, акутен инфаркт на миокардот, ненадејна срцева смрт и исхемична кардиомиопатија, е најчеста болест од оваа голема група на заболувања, а настанува како последица на атеросклероза во коронарните артерии. Најновите испитувања покажуваат дека атеросклеротичните промени на крвните садови настануваат уште во најраната возраст (после втората година од животот) така што со превенција треба да се почне што е можно порано.
За таа цел, Министерството за здравство има Програма за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ) за 2019 година, чии цели се: превенција на факторите на ризик; навремено препознавање на КВБ; намалување на смртноста и инвалидитетот; едукација на тимот од државната кардиохирургија од страна на едукатори кои со своето искуство и знаење ќе го надоградат и пренесат на останатите колеги. Тимот се состои од специјалисти по кардиохирургија, васкуларна хирургија, анестезија како и среден медицински персонал (медицински сестри, инструментарки, анестетичари и перфузионисти); подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво; подобрување на квалитетот на живот кај пациентите со кардиоваскуларни болести, зајакнување на здравствениот систем на Република Северна Македонија, како би бил во состојба да одговори на се поголемото оптеретување на населението со кардиоваскуларни болести.
Секоја година, 17,9 милиони луѓе умираат од кардиоваскуларни заболувања (КВБ), вклучувајќи срцеви заболувања и мозочен удар. Најчести причини за појава на овие заболувања се: пушење, дијабетес и висок крвен притисок, кои афектираат голем број луѓе од различни возрасни групи и географски региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

