Македонија
Хелсиншкиот комитет: Потребни се повеќе финансиски средства за затворите
Со промената на раководството во Управата за извршување на санкциите беше овозможен непречен пристап до казнено-поправните установи во споредба со претходната пракса на целосно игнорирање на поднесените барања за посети на овие установи, велат од Хелсиншкиот комитет. Во периодот од февруари до септември 2019 година претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права остварија еднодневни посети во 10 од 11 казнено-поправни установи во Република Северна Македонија, како и три дополнителни посети во КПД „Штип“, КПУ „Куманово“ и КПУ „Охрид“.
Пред медиумите беше презентиран извештајот за состојбите и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, подготвен во рамките на проектот „Живот зад решетки“ поддржан од страна на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија. Проектот се спроведуваше во периодот од август 2018 до септември 2019 година со цел да ги адресира системските проблеми во пенитенцијарниот систем во државата, а со посебен фокус на почитувањето на човековите права на лицата лишени од слобода кои издржуваат казна затвор.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, ја оцени како напредок соработката со Управата за извршување на санкциите, која почна по заедничката посета на Идризово со премиерот Заев и народниот правобранител. Напредок е забележан и во намалување на пренатрупаноста, што се должи на донесениот Закон за амнестијата, но и на новиот павилјон изграден по сите стандарди за речиси 600 затвореници во најголемиот затвор во земјата. Набргу ќе се пушти во употреба и новиот малолетнички затвор во Тетово.
Сепак, велат од Хелсиншкиот, остануваат многу предизвици поврзани со казнено-поправните установи за кои треба систематизиран пристап.
„Буџетот за казнено-поправните установи од лани е намален 60 отсто, што се одразува и врз снабденоста со храна и хигиенските услови. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не станува збор за една институција, туку сите да си ги почитуваат своите обврски и да издвојат поголем буџет. Самите луѓе што работат во установите се соочуваат со предизвици, ниски плати, влијанија врз нивната психичка состојба. Нашите препораки се до државата, а не само до задолжените за управување со установите. Не смееме да ги оставиме осудените лица на маргините на општеството. Потребна е политичка волја да се направи нешто повеќе за оваа популација“, рече Пировска.
Правната советничка и координаторка на овој проект, Сибел Амет, се осврна на проблемите во однос на образованието, здравството, ресоцијализацијата и материјалните услови. „Во ниту еден затвор нема образование, напротив, сѐ е сведено на ниво на пилот-проекти финансирани од меѓународната заедница, но тоа не е системско решение. Особено загрижувачка е состојбата во малолетничките установи“, посочи таа и додаде дека затворите се соочуваат и со недоволно лекарства и медицински персонал.
Во таа насока, додаде таа, потребна е добра координација меѓу министерствата за правда, здравство и образование за да се сменат работите. „Сериозен проблем останува и постпеналната помош бидејќи повеќето од затворениците се оставени сами на себе кога излегуваат од затвор. Надлежните сериозно да си ја сфатат обврската за помагање на оние што треба да излезат од затвор за полесно да се соочат со животот надвор од решетките“, заклучи Амет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

