Македонија
(Видео) Заев се сретна со Ципрас: Договорот од Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји

Во срдечна и пријателска атмосфера вечерва се одржа средбата меѓу претседателот на Владата, Зоран Заев, и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, кој е во нашата земја на покана на угледниот магазин „Економист“ како еден од главните говорници на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“ што се одржува во Скопје.
Двајцата соговорници на средбата разговараа за придобивките од преспанскиот договор и нагласија дека договорот ја заслужува севкупната поддршка од двете земји.
Решението постигнато со договорот потпишан во Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји и создаде нова, позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот, заклучија премиерот Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас.
Низ разговорот беше констатирано дека од 17 јуни минатата година соработката меѓу двете земји се продлабочува, откако беше поставена на темелите на договорот за ново пријателство и стратешко партнерство.
На средбата Заев и Ципрас констатираа поголем број придобивки како што е зголемената трговска размена за 20% за само една година, покренатите постапки за нови гранични премини меѓу двете земји, блиската соработка во сферата на одбраната како дел од заедничките политики што произлегуваат од НАТО, во делот на безбедносната контрола на небото над Северна Македонија (Аir Policing), како и зајакнувањето на соработката во повеќе други области.
На средбата во кабинетот на премиерот Заев заеднички беше поздравено скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО, чија завршна фаза, ратификацијата на Протоколот за пристапување, започна токму во Парламентот на Република Грција.
Двајцата соговорници на средбата ја поздравија силната поддршка за отпочнување на преговорите меѓу нашата земја и ЕУ, за која оценија дека доаѓа не само како резултат на преспанскиот договор и позитивните ефекти на решавањето на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Грција, туку и заради исполнувањето на домашните реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изминатиот викенд лишени од слобода 13 лица за безобзирно управување на возило

За време на изминатиот викенд (11/12.10.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1.502 издадени платни налози, 958 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 43 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, додаваат од МВР.
Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.