Македонија
(Видео) Заев: Добрата вест за Северна Македонија, ќе биде добра вест и за ЕУ
Почнувањетo на преговорите со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион како интегрален дел од Европа и како признание за напредокот на реформите во Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев, кој денеска одржа поздравен говор на конференцијата „Самит на Западен Балкан – Зацврстување на моментумот за европска интеграција“, во организација на угледниот магазин „Економист“.
Заев, на конференцијата на која учествуваат голем број гости од земјата, регионот и светот, говореше на темата „Стабилност и раст во Југоисточна Европа – дали сме на вистинскиот пат?“
Во поздравниот говор Заев истакна дека добрата вест за почнување преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на целиот регион, а ќе биде добра вест и за ЕУ затоа што ние носиме ентузијазам за важната улога што ја игра Унијата како глобален актер и ја потсетуваме на своите изворни вредности за партнерство, солидарност и заеднички просперитет.
Премиерот во поздравното обраќање нагласи дека во неговиот мандат објавил повеќе добри вести, а една од најдобрите е решавањето на спорот со Грција.
„Секогаш ќе се сеќавам на 17 јуни во Преспа кога заедно со Алексис Ципрас кренавме раце како вистински партнери и пријатели кои им соопштуваат добри вести на своите држави. Оваа година во февруари стапи во сила договорот од Преспа, со што се реши 27-годишниот спор што го имавме со Грција“, рече Заев.
Премиерот оцени дека сега имаме исклучително добри односи со Грција и сериозно подобрена билатералната соработка. Тој изрази верување дека договорот од Преспа е корисен пример за многу други отворени прашања. Дополнително, нагласи Заев, овој договор е катализатор на промени бидејќи сведочи за нов трансформативен процес на Балканот.

Алексис Ципрас и Зоран Заев на конференцијата „Самит на Западен Балкан – Зацврстување на моментумот за европска интеграција“
„За мојата земја, овој договор заедно со договорот за добрососедство со Бугарија ги отвори вратите кон постигнување на стратешките цели: членство во НАТО и ЕУ. Република Северна Македонија ја доби добрата вест дека набргу ќе биде триесеттата членка на НАТО. Да бидам искрен, понекогаш бргу забораваме каде сме биле пред само две-три години, а каде сме денес. Мојата политичка кариера е сведоштво дека морате да земете длабок здив и кога е најтешко и да не заборавите дека во вашата визија се граѓаните што живеат поквалитетно и посреќно само заради неколку храбри чекори, кои сте спремни да ги преземете“, изјави Заев во обраќањето.
Говорејќи за економијата, Заев рече индустриското производство во државата се зголемило 8 проценти откако оваа Влада стапила на власт и продолжува да расте.
„Успеавме да ја намалиме невработеноста и таа во моментот е на историски 17,5 проценти со индикација дека ќе оди надолу. Растот на домашниот бруто-производ во првата половина од годината е 3,6 отсто и очекуваме негово зголемување годинава“, рече Заев и додаде дека Владата исто обрнува големо внимание и на приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

