Македонија
Шулц: Интеграцијата на Западен Балкан да се поддржи што е можно побргу

Поранешниот претседател на Европскиот парламент и поранешен претседател на Социјалдемократската партија на Германија, Мартин Шулц, говорејќи на Самитот на Западен Балкан, што се одржува денеска во Скопје, ја издвои како исклучително значајна улогата што премиерите Заев и Ципрас ја имаа во остварувањето на договорот од Преспа.
„Токму решавањето на овој спор, но и прифаќањето на Западен Балкан како регион што мора да биде интегриран во ЕУ, се аргументи за датум за почеток на преговорите со ЕУ за Северна Македонија, како и за Албанија“, истакна Шулц за време на дискусијата.
Тој додаде дека Брисел треба да се врати на изворните идеи и принципи на основачите на ЕУ и да прифатат дека интеграцијата на Западен Балкан треба да се поттикне и поддржи колку што е можно побргу.
„Самитот на Западен Балкан – Зацврстување на моментумот за европска интеграција“, со присуство на голем број лидери од нашата земја, регионот, Европа и од светот, продолжува со дебата за следните чекори во интеграцијата за земјите од регионот во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Македонија
Дел од Центар без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваat дека денеска ( сабота ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 11.00 до 12.30 часот, корисниците од ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот лоцирани кај ул. Крсто Баиќ, корисниците од ул. Кеј 13 – ти Ноември лоцирани кај ресторан Парк, како и корисниците од ул. Ленинова лоцирани спроти Министерството за Земјоделство. ( општина Центар )