Македонија
Нови контејнери за почист Карпош

Претстои замена на голем дел од старите контејнери и во општина Карпош. Локалната самоуправа со одлука на Советот (во октомври 2018) одвои средства во износ од два милиона денари, токму за воспоставување на новиот систем за третман на отпадот.
До крајот на оваа година некои од новите контејнери ќе бидат поставени на главните сообраќајници во Карпош, но и на некои покритични локации, мапирани од страна на Секторот за екологија и енергетска ефикасност, соопшти Општина Карпош.
„Град Скопје набави 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри, со кои ќе бидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери на територијата на целиот град.
Новите контејнери се опремени со механизам за автоматско затворање на капакот, педал за ножно отворање, рачка за отворање приспособена за користење за лицата со попреченост и упатства за правилно користење.
Во оваа фаза се набавија и 30 контејнери за селектирање отпад, четири нови комунални возила, 950 канти за џебен отпад, 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 електрични возила за чистење и миење јавни површини. Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, посочи дека со новите контејнери ќе се замени една третина од постојните контејнери, а до крајот на мандатот се предвидува замена и на преостанатиот дел“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Управител и фирма обвинети за неправилности во производството на медицински канабис

Полицијата поднесе кривична пријава против управителот Д.К.(30) од Скопје и фирмата.
Пријавениот, како одговорно лице, по добивање на решението лани за одгледување на канабис за медицински цели, постапил спротино на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Од МВР велат дека тој не се придржувал кон елаборатот за производство на канабис за медицински цели, што било констатирано при извршена контрола од страна на полициски службеници од МВР во содејство со Комисијата за оценување на исполнетоста на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на медицински канабис.
Притоа биле одземени 1.260 грама марихуана, како и исушено искршено стебло и поголем број на исушени и скршени гранчиња од растението канабис.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по интерпелацијата на Коцевски: На Македонија и’ треба обвинителство отпорно на политичко влијание

Социјалдемократскот сојуз и ДУИ, вчера здружно застанаа на браникот да го спасат Љупчо Коцевски, на кого веќе му е изгласана интерпелација во македонското Собрание, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сега на сите им е јасно, зошто никој од СДСМ и ДУИ не е во затвор по обвинение на Основното јавно обвинителство, а тоа е затоа што Љупчо Коцевски, како прв човек на обвинителството, наместо да го гони сторениот организиран криминал и корупција од лица на овие партии, тој се ставил во нивна заштита.
„Сламката на спасот за Коцевски е СДС и ДУИ, за после тој да продолжи да им ги спасува и штити криминалот. Со вчерашното собраниско гласање, односно негласањето на СДС и ДУИ за интерпелацијата на Коцевски, станаа јасни и други работи.
Сега веќе е јасно кој ја мати водата за трагедијата во Кочани. Истите оние кои претпладнето правеа пресови за Кочани, не беа задоволни од истрагата и обвинуваа за селективност, сега сметаат дека Коцевски добро си ја работел работата.
ДУИ и СДС се штитникот на Коцевски. Така тие си го штитат криминалот на Венко Филипче и Зоран Заев, исто како и на Али Ахмети.
Затоа и покрај јавно објавените индиции и докази за вмешаност во криминал и корупција на Филипче, Заев, на скоро цела фамилија на Амети, нема никаква истрага или постапка од обвинителството.
Сите се се уште на слобода, без никакви кривични пријави, да си ги шират бизнисите од криминално стекнатите пари.
На Македонија и треба независно и непристрасно Јавно обвинителство, отпорно на политичко влијание, кое ќе ги гони сторителите на криминал и корупција, а не обвинителство во служба и заштита на криминалот и криминалците од СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
АМСМ: Зголемена е фреквенцијата на возила поради летните одмори

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.