Македонија
Димитров: Благодарни сме за финската поддршка
 
																								
												
												
											
Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Финска, Пека Хависто, за време на неговата официјална посета во земјата. Фокусот на разговорот беше ставен на европската перспектива, како и на активностите и поддршката од страна на Република Финска во рамките на финското претседателство со Европската Унија, а во контекст на очекуваната одлука за почеток на преговорите на Советот на ЕУ во октомври 2019 година.
Министерот Димитров брифира и за последните политички случувања во земјата, за зацврстувањето на внатрешната стабилност, за постигнатиот напредок во клучните реформски области од европската агенда и за преостанатите предизвици, за унапредувањето на добрососедските односи со сите од регионот како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори.
„Благодарни сме за финската поддршка и навистина би сакале да го врежеме финското претседателство во нашата меморија, како претседателство со ЕУ, во кое конечно ќе го направиме следниот важен исчекор на нашето евроинтегративно патување“, рече Димитров.
Министерот Хависто ја потврди цврстата поддршка на Финска кон процесот на проширување и кон евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и заложбите за успешен исход во контекст на нашите ЕУ-аспирации за време на финското претседателство. Притоа, упати честитки за инспиративниот пример демонстриран преку преспанскиот договор, а го поздрави и напредокот во општеството во насока на позитивни демократски промени.
Беа разменети мислења и за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за соработка и финска поддршка, особено во областите на заштита на животната средина и образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Волонтери од „За почиста Македонија“ утре ќе го чистат Расадник
 
														Утре, 1 ноември, со почеток во 11:00 часот, „За Почиста Македонија“ организира еко-акција во Расадник, Кисела Вода, со цел расчистување на едно од најголемите, но и најзапоставени зеленила во Скопје.
„Локацијата долги години е оставена без грижа и е преплавена со отпад. Со оваа акција, волонтерите на „За Почиста Македонија“ ќе покажат дека кога институциите не реагираат, постојат свесни и одговорни граѓани кои можат да ја преземат иницијативата во свои раце. Преку тимска работа, позитивна енергија и љубов кон природата, ќе се придонесе кон разубавување на просторот и враќање на неговиот природен сјај“, се вели во најавата на еколошкото друштво.
Акцијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да помогнат во создавање на почиста и поздрава средина. Организаторите ќе обезбедат целосна опрема за чистење и логистичка поддршка.
Организаторите велат дека она што ги прави овие акции препознатливи е позитивната атмосфера, исполнета со дружба, музика и нови пријателства. По завршувањето на активностите, учесниците традиционално остануваат на неформално дружење со друштвени игри и неформално дружење во исчистениот простор.
Во изминатите години, „За Почиста Македонија“ има реализирано бројни акции низ целата земја, преку кои се испраќа порака дека секој поединец може да направи вистинска промена.
Македонија
Скопјанец ја малтретирал поранешната девојка – ја влечел пред болница и ѝ се заканувал дека ќе го убие брат ѝ
 
														Скопското Обвинителство поведе постапка против 33-годишен скопјанец осомничен за продолжено загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, мажот речиси цел месец, од 5 до 30 октомври, ја прогонувал и ѝ се заканувал на поранешната партнерка, упатувајќи сериозни закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Тој испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и закани, а насилството се засилило откако жената го напуштила неговиот дом поради постојан психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот се појавил таму, почнал агресивно да се однесува, да ја тегне за рака и да ја присилува да тргне со него, при што ѝ се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Од страв и чувство на загрозеност, жената побарала помош.
Поради сериозноста на заканите и повторувањето на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Мицкоски: Да дадеме поддршка за Лабудовиќ и Ѓорѓиевски за повеќе проекти и подобар живот во Центар и во Скопје
 
														Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава за медиуми од општина Центар и упати јасен и недвосмислен повик до жителите на општина Центар да излезат масовно на гласање во вториот круг од локалните избори и да ја дадат својата поддршка за кандидатот Мирослав Лабудовиќ за градоначалник на општина Центар, како и за Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје.
Тој посочи дека со победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обезбеди целосна вертикална поддршка од страна на Владата до општините со што ќе овозможи реализација на повеќе проекти во интерес на граѓаните.
„На тој начин, заедно со поддршката од Владата, една вертикална поддршка, ќе можеме да направиме проект повеќе за центарци, за жителите на општина Центар, и сигурен сум дека ќе имаме ефикасна соработка, бидејќи досега како Влада, изминативе 16 месеци, еднонасочна беше соработката, само од страна на Владата“, вели Мицкоски.
Претседателот Мицкоски ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, да го направат вистинскиот избор за сигурна иднина и развој на општина Центар и град Скопје.
„Убеден сум дека после овие локални избори, после вториот круг, Центар ќе има нов градоначалник, тоа ќе биде г. Лабудовиќ, а Скопје ќе има нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски“, истакна Мицкоски.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											