Македонија
Избрани четворица нови проректори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, по предлог на ректорот Сашо Коруновски, а врз основа на новиот Закон за високото образование, на тајно гласање едногласно донесе одлука за избор на четворица нови проректори на Универзитетот.
За нов проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ е избран професорот Марјан Ѓуровски, досегашен продекан на Факултетот за безбедност во Скопје, претседател на Македонското политолошко друштво и доктор на безбедносни науки, кој ќе раководи со ресорот за студенти и академска мобилност.
„Студентите се во центарот на образовниот процес во кој им се овозможува и од нив се очекува одговорен пристап и активно учество како при стекнувањето знаења и вештини така и при создавањето нови. Студентот има право на квалитетно образование, но и обврска за активно учество во него исполнувајќи ги своите должности во согласност со академските вредности“, изјави Ѓуровски.
Нов проректор за наука ќе биде Игор Неделковски, досегашен декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола, нов проректор за финансии е професорката Гордана Трајкоска од Економскиот факултет во Прилеп, а за проректор за настава е назначен Љупче Кочоски, досегашен декан на Факултетот за биотехнички науки од Битола.
Со тоа е комплетиран тимот на новиот универзитетски ректорски менаџмент, кој има мандат од три години.
Основна задача на новите проректори предводени од ректорот Коруновски е реализација на квалитетен и сеопфатен наставно-образовен процес преку кој се едуцираат младите кадри во квалификувани и компетентни стручњаци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.