Македонија
(Видео) Силјановска, Кедев, Дурловски и Ристовски нови стручни соработници на Мицкоски

Гордана Силјановска-Давкова, Сашко Кедев, Игор Дурловски и Борко Ристовски се дел од новиот тим на стратешки соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што рече тој, тимот се состои од натпартиски личности, кои ќе работат на обновата на Македонија.
„Тимот е составен од натпартиски личности, со кои нè поврзуваат родољубието, патриотизмот и желбата да се помогне во обновата на Македонија. Овие луѓе ќе бидат мои соработници, а заедно ќе работиме во обновата што ќе ја донесеме за граѓаните на Македонија. Ќе ги црпам нивните знаења и искуства, заедно ќе работиме на понудата што ќе им ја дадеме на граѓаните, која ќе ја сочинува мојата, но и нашата заедничка визија за Македонија“, рече Мицкоски.
Во тимот што ќе работи со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се професорката Гордана Силјановска-Давкова, докторот Сашко Кедев, професорот во пензија Владимир Дукоски, Хозе Тараско, кој е вондреден професор на Кралскиот универзитет „Хуан Карлос“ во Мадрид, Шпанија, кој ќе биде стратешки соработник за прашања од областа на економија, а оперскиот пејач Игор Дурловски ќе биде стратешки соработник за прашања од областа на културата.
Влатко Гигов ќе биде стратешки соработник за нови производи и социјални медиуми, стратешки соработник за напредни технологии и аналитика ќе биде Јанко Баждавела, кој живее и работи во Њујорк, САД.
Ракометарот Борко Ристовски ќе биде соработник за прашања од областа на спортот, а за прашања од областа на енергетиката – Сања Божиновска. Акан Махмут ќе биде стратешки соработник од областа на туризмот, стратешки соработник од областа на трудовото право и социјалната политика ќе биде професорот Лазар Јовевски.
Во тимот соработници на Мицкоски се и Зоран Марков, Гоце Наумовски, Гоце Андревски, Александар Климовски и Коста Митровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.