Македонија
Пренасочени автобуски линии за време на уличната трка Skopje Run 10K
Поради одржување на уличната трка Skopje Run 10K, во периодот од 7.30 часот до 11.30 часот одредени линии на автобусите на ЈСП ќе возат по изменет режим на сообраќање.
Целосно затворени за сообраќај ќе бидат: булеварот Илинден во двете насоки, од раскрсницата со булеварот Климент Охридски до улицата Никола Парапунов, улицата Никола Парапунов, од булеварот Илинден до булеварот Партизански одреди, булеварот Партизански одреди во правец кон Ѓорче Петров, од раскрсницата со улицата Љубљанска до улицата Ангел Динев (мостот „Влајко“).
Привремено затворени ќе бидат булеварот 8 Септември, од раскрсницата со булеварот Партизански одреди до улицата Скупи („Хубо маркет“) и улицата Бледски договор.
Пренасочени ќе бидат линиите 2, 4, 7, 8, 11, 11А, 12, 15, 15А, 19, 21, 22, 22А, 32, 56, 56А, 59 и 60.
Линиите 2, 4, 11, 11А, 12, 21, 22, 22А, 32, 56, 56А и 60 во правец кон Ѓорче Петров, кога ќе пристигнат кај ТЦ „Сити мол“, ќе вртат лево по улицата Московска, па десно по улицата Војвода Васил Чакаларов и од Порта Влае секоја ќе продолжи да сообраќа по својата вообичаена траса. Во обратен правец линиите ќе возат по својата вообичаена траса.
Линијата 8, од мостот „Гоце Делчев“ по булеварот ВМРО, ќе продолжува по булеварот Партизански одреди, ќе сообраќа сè до ТЦ „Сити мол“, потоа лево по улицата Московска, па десно по улицата Војвода Васил Чакаларов и кај Порта Влае ќе продолжува кон својата почетна постојка.
Во обратен правец сè до Соборниот хром ќе сообраќа по булеварот Партизански одреди, па булеварот ВМРО, мостот „Гоце Делчев“, па по својата вообичаена траса.
Линиите 7, 15, 15А, 19 и 59 во правец од Карпош 3 кон Центар ќе сообраќаат по улицата Карпошово востание, улицата Бледски договор, булеварот Партизански одреди, од каде што секоја ќе продолжи по својата вообичаена траса.
Линијата 15А ќе сообраќа како линијата 15.
Линиите 15, 15А и 19, за терминал во Карпош, ќе го користат терминалот од линиите 7 и 59.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

