Македонија
Парада за миленичиња за прв пат во Скопје

Во Скопје за прв пат ќе се организира Парада за миленичиња, која е закажана за 13. октомври во период од 13.00 до 22:30 часот.
Првата Шепологија е под мотото дојди, танцувај, помогни, донирај, повтори, а сето ова е поради тоа што ,,Шепологијата” е замислена како целодневен настан, настан кој ќе започне пред Собранието во 13.00 часот со парадирање до Градскиот Парк, каде пак пред Школка ќе се случува музички хепенинг (DJ Charley, Minstrel’s Gallery, BandiX, South Park, DJ Set C2 Brothers, Ване Маркоски, Skopje Drumline, Беатрикс, Aгенција Моделс ИН, Ресторан Маркт, Крем Кафе, Веган 365) кој ќе трае до 22.30 часот.
,,Шепологија ја нарековме првата парада за миленичиња преку која сакаме да ја покажеме убавата страна на имањето на милениче покрај себе. Долго време се мислевме како да ја раскажеме безусловната љубов на шепастите кон човечкиот род, да покажеме дека активизмот не е само огорченост, туку и многу среќни приказни. Оваа прва парада за миленичиња ќе се одржи на 13.октомври во Скопје”, изјави Габриела Димеска, активист на Шепасти ентузијасти.
,,Да покажеме дека животните, природата и секако ние луѓето сме дел од еден комплексен екосистем во кој е неопходно да се грижиме еден за друг. Да излеземе од стереотипот на вечно незадоволство и да покажеме дека е модерно да си доблест и хуман”, порачуваат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
„Илинден е сржта на македонската историја,
Илинден е срцето на македонската република,
Илинден е душата на македонската државност,
Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!
2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори.
Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа.
Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи.
Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа.
Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро.
Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме.
Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците.
Нека е вековита македонската република!
Нека ни е вечен Илинден!“, стои во честитката на претседателката Сиљановска-Давкова.