Соопштенија
Левица: Лага е дека во Македонија ќе има пофер даночен систем и дека парите ќе се вратат кај граѓаните

Лага е дека во Македонија ќе има пофер даночен систем, дека богатството ќе биде прераспределено кон сиромашните и дека парите ќе се вратат кај граѓаните, велат од Левица.
Според нив, помпезно најавуваниот план за прогресивно даночење како што милуваа да го нарекуваат социјалдемократите, а, велат од Левица, посебно нивните гласноговорници Бранимир Јовановиќ и Драган Тевдовски, во полето на економијата сè повеќе ги покажува неговите регресивни карактеристики. Овој план, додаваат од партијата, беше претставен како пофер даночен систем што треба да спроведе некаква минимална прераспределба од екстремно богатите кон сиромашните слоеви кои не располагаат со ништо друго освен со својата работна сила.
„Ваквата ‘реформа’ денес можеме да видиме дека е само една обична збирштина на мерки со кои најголемиот дел од парите во буџетот ќе се собираат од граѓаните кои имаат најмалку, за потоа власта преку тендерите да ги префрли во бизнис-секторот на фирми блиски до неа. Дополнително тука се и трошоците со кои Република Македонија, како наредна членка на НАТО, ќе биде соочена, а кои владата на социјал-демократите очигледно планира да ги покрие со парите собрани од џебот на безимотните класи – токму преку најавеното ‘одложување’ на зголемувањето на данокот на капиталните добивки, за кое нема ниту една добра причина да веруваме дека нема да биде трајно“, велат од Левица.
Не само што досегашните дивиденди и камати на богатите нема да бидат дополнително оданочени, додаваат од партијата, туку ваквото пролонгирање на повисокото даночење на капиталните добивки остава можност за сопствениците на капитал легално да го избегнат најавеното 18% даночење на приходите над 1.500 евра.
„Тие сега ќе можат да ги повлечат своите милиони во форма на нискооданочени дивиденди, наместо во форма на високооданочени плати. Трошоците на државата ќе бидат подмирени од страна на работното население кое живее скромно од чесно заработената плата и кое нема капитал, не добива дивиденди, ниту не му се исплаќаат камати како што им се исплаќаат 300 илјади евра на Нина Групер и 3,8 милиони евра на Кочо Анѓушев, кои ги поседуваат во банкарски депозити. Излишно е веќе и да се споменува данокот на добивка (различен од данокот на капитални добивки). Левица безброј пати укажуваше дека социјалдемократите во својата програма експлицитно нагласуваат дека тој данок нема да го променат, гарантирајќи дека милионските профити на олигархијата нема да бидат чепнати. Уште повеќе е излишно да се зборува дека социјалдемократската влада, со свесна или несвесна помош на дуото Јовановиќ и Тевдовски, продуцираше и пласираше лага во јавноста – лага дека во Македонија ќе има пофер даночен систем, дека богатството ќе биде прераспределено кон сиромашните и дека парите ќе се вратат кај граѓаните. Оваа најнова отстапка е само очекувана шлаканица од страна на социјалдемократската влада за сите оние кои беа прелажани од нивните слаткоречиви ветувања за просперитет и економска правда“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Николовски: Изградба на рекреативен градски парк и реконструкција на улици во Кратово

Кандидатот за градоначалник на општина Кратово, од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Тодорче Николовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе продолжи развојот на општината и ги наведе капиталните проекти кои ќе се реализираат во иднина, како инвестиции во образованието, инфраструктурата, детската заштита, културата, спортот и подобрување на животот во селските и руралните средини како и посветување внимание на економијата и туризмот.
„Реконструкција на стара училишна зграда (Стаклара). Изградба на канализационен колектор и уредување на дел од Манцева и Кратовска Река во вкупна должина од 520 метри. Изградба на рекреативен градски парк во „Карши Бавча“. Решавање на проблемот со чиста вода за пиење во селските средини .Изработка на техничка документација, конзервација и ревитализација на Горни Амам. Реконструкција на најголемиот дел на улици во „Царина маала“, чија реализација е започната и се одвива извесен период“, вели Николовски.
Николовски наведе дека ќе се реконструираат бројни улици и локални патишта, но и дека ќе се изврши реконструкција на детската градинка и асфалтирање на локални патишта.
„Реконструкција на речиси сите улици во „Зорле маала“, за кое нешто е избран изведувач и потпишан Договор за реализација. Спроведени постапки со избрани понудувачи постојат и за следниве значајни проекти: Реконструкција на локален пат од село Близанци кон Мушково во должина од 2.6 километри, изградба на улица Кочо Рацин, реконструкција на улицата Никола Тесла, реконструкција на детската градинка Царка Андреевска, асфалтирање на локален пат во село Вакув, асфалтирање на локален пат во с. Сакулица“, рече Николовски.
Соопштенија
Герасимовски: Масовно да излеземе во недела и да гласаме за Центар што го сакаме

„Во изминатите четири години направивме многу за Центар, за животот на сите генерации. Имаме уште многу работа, програма и план, стручни луѓе и знаење, желба и енергија. Заедно победуваме. Со нас, твојот глас вреди и значи најмногу. Ве повикувам масовно да излеземе и да гласаме за Центар што го сакаме“, вели кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите од СДСМ Горан Герасимовски.
Герасимовски, потенцира дека новата програма за работа за втор мандат е јасна, прецизна, остварлива и која Центар ќе го направи вистинско и посакувано место, најдобро за сите.
„Мојата визија опфаќа силен фокус на образованието, културата, спортот и социјалната заштита, како и континуирана грижа за младите, семејствата, пензионерите и лицата во социјален ризик. Солидарноста, еднаквоста и инклузивноста се темелот врз кој Центар функционира како вистински сервис на граѓаните и создава услови за достоинствен и сигурен живот. Продолжуваме да работиме во оваа насока за уште позелен, похуман и поразвиен Центар“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Марковски: Магацините на „Славија“ може да прераснат во простории за културната сцена, а не во бетонски чудовишта

Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани истакна Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“, истакна Марковски.
Тој кажа дека факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме“, истакна Белчева Андреевска.