Македонија
Дескоска на конференција во Виена за тоа како новите генерации да се едуцираат за владеење на правото
Министерката за правда, Рената Дескоска, во Виена учествува на конференција насловена како „Едукација за владеење на правото: Инспирирајте. Направете промена. Заедно“, која се одржува од „Иницијативата за Едукација за правда“ во рамки на глобалната програма на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).
На конференцијата на која учествуваат министри за правда и министри за образование, во фокус на дискусијата е Декларацијата од Доха – првиот документ усвоен од земјите членки на Обединетите нации што конкретно ги поврзува образованието и спречувањето на криминалот, кривичната правда и другите аспекти на владеењето на правото.
„Целта на настанот е да ѝ се овозможи на меѓународната заедница да разговара за начините и средствата за промовирање на образованието за владеење на правото. Севкупно, целта е преку образование за владеење на правото да се оспособи следната генерација да стане глобално општествено одговорен актер со здрав морален и етички компас – подготвени граѓани да се справат со светските предизвици поврзани со владеењето на правото“, објаснуваат од Министерството за правда.
За време на кратката посета на Виена, министерката оствари и средба со извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ) Јури Федотов, со кој разговараше за реформите кои земјата ги презема за борба против организираниот криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

