Соопштенија
Левица: Уставниот суд да го укине т.н. Закон за двојазичност

Политичката партија Левица преку соопштение побара Уставниот суд за го укине „Законот за двојазичност“. Од партијата потсетуваат дека поднеле претставка во месец февруари оваа година до Уставниот суд против законот, кој беше објавен без потпис од претседателот. Левица соопшти дека деновиве поднеле и ургенција до претседателот на Судот со која бараат повратна информација зошто и по осум месеци од поднесувањето не е постапено по нивната иницијатива, иако Деловникот на Уставниот суд предвидува итност во постапувањето во случаите кога е побарана времената мерка.
„Објавениот нацрт-документ за мислењето на Венециската комисија, која отпосле го мониторираше нормативниот текст на ‘законот’, само се потврдува она што ние го тврдевме цело време во текот на носењето на овој контроверзен и противуставен ‘закон’: дека тој неразумно ги надминува европските стандарди за заштита на националните малцинства и наметнува нереални и материјално скапи обврски, особено за судскиот систем, кој патем речено треба да се регулира со 2/3, а не со апсолутно мнозинство гласови во парламентот“, велат од Левица.
Партијата смета дека законот е „експанзионистички изблик на албанскиот национализам заради враќање во живот на криминалната партија ДУИ и спроведува про-форма наместо суштинска заштита на албанското малцинство, дополнително ја дели нацијата по етничка основа и го поткопува граѓанскиот карактер на државата – поради што е штетен за соживотот и негувањето на добрите меѓуетнички односи“.
Наместо да го издигнува просперитетот на општеството како целина, велат од Левица, овој „закон“ само ја засилува илузијата дека Македонците не им даваат нешто на Албанците и дека Албанците им одземаат нешто на Македонците, замаглувајќи ја вистината дека бизнис-партиите и корумпираните елити се тие што добиваат сè, на наша заедничка сметка.
„Зад сите овие партии од т.н. ‘македонски’или ‘албански’ блок стојат бизнис-елитите и западните бирократи, а не народот, кој е крајно разочаран и со нетрпение го очекува нивниот пад од политичката сцена. Како прогресивна партија, Левица ќе продолжи да ги користи сите правни и политички механизми кои ни стојат на располагање за да не дозволиме шверцување на туѓи платформи под превезот на божемна заштита на малцинските права! Ова ќе го
правиме сè додека не ја одземеме политичката моќ на буржујските партии и, практикувајќи го правото на самоопределување, ќе ја вратиме истата во рацете на народот, како неприкосновен носител на суверенитетот на Републиката“, додава Левица во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Николовски: Изградба на рекреативен градски парк и реконструкција на улици во Кратово

Кандидатот за градоначалник на општина Кратово, од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Тодорче Николовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе продолжи развојот на општината и ги наведе капиталните проекти кои ќе се реализираат во иднина, како инвестиции во образованието, инфраструктурата, детската заштита, културата, спортот и подобрување на животот во селските и руралните средини како и посветување внимание на економијата и туризмот.
„Реконструкција на стара училишна зграда (Стаклара). Изградба на канализационен колектор и уредување на дел од Манцева и Кратовска Река во вкупна должина од 520 метри. Изградба на рекреативен градски парк во „Карши Бавча“. Решавање на проблемот со чиста вода за пиење во селските средини .Изработка на техничка документација, конзервација и ревитализација на Горни Амам. Реконструкција на најголемиот дел на улици во „Царина маала“, чија реализација е започната и се одвива извесен период“, вели Николовски.
Николовски наведе дека ќе се реконструираат бројни улици и локални патишта, но и дека ќе се изврши реконструкција на детската градинка и асфалтирање на локални патишта.
„Реконструкција на речиси сите улици во „Зорле маала“, за кое нешто е избран изведувач и потпишан Договор за реализација. Спроведени постапки со избрани понудувачи постојат и за следниве значајни проекти: Реконструкција на локален пат од село Близанци кон Мушково во должина од 2.6 километри, изградба на улица Кочо Рацин, реконструкција на улицата Никола Тесла, реконструкција на детската градинка Царка Андреевска, асфалтирање на локален пат во село Вакув, асфалтирање на локален пат во с. Сакулица“, рече Николовски.
Соопштенија
Герасимовски: Масовно да излеземе во недела и да гласаме за Центар што го сакаме

„Во изминатите четири години направивме многу за Центар, за животот на сите генерации. Имаме уште многу работа, програма и план, стручни луѓе и знаење, желба и енергија. Заедно победуваме. Со нас, твојот глас вреди и значи најмногу. Ве повикувам масовно да излеземе и да гласаме за Центар што го сакаме“, вели кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите од СДСМ Горан Герасимовски.
Герасимовски, потенцира дека новата програма за работа за втор мандат е јасна, прецизна, остварлива и која Центар ќе го направи вистинско и посакувано место, најдобро за сите.
„Мојата визија опфаќа силен фокус на образованието, културата, спортот и социјалната заштита, како и континуирана грижа за младите, семејствата, пензионерите и лицата во социјален ризик. Солидарноста, еднаквоста и инклузивноста се темелот врз кој Центар функционира како вистински сервис на граѓаните и создава услови за достоинствен и сигурен живот. Продолжуваме да работиме во оваа насока за уште позелен, похуман и поразвиен Центар“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Марковски: Магацините на „Славија“ може да прераснат во простории за културната сцена, а не во бетонски чудовишта

Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани истакна Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“, истакна Марковски.
Тој кажа дека факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме“, истакна Белчева Андреевска.