Македонија
ДОМ: Донесен правилник за зеленило за ефективна заштита на зелените површини
ДОМ како зелена партија го поздравува објавувањето на правилникот за планирање, подигање и одржување на зеленилото во „Службен весник“ и неговото стапување во сила од вчерашниот ден.
Овој подзаконски акт, велат од ДОМ, е алатка која определува јасни правила за постапување на државните и локалните институции при донесувањето на урбанистичките планови и третманот на урбаното зеленило во нив.
„Со него добиваме уште една алатка за борба против корупцијата и урбаната мафија, а урбаното зеленило станува видливо и заштитено, надвор од дофатот на градежниот бизнис“, смета ДОМ.
Правилникот за зеленило е изготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, како обврска од Законот за урбано зеленило, донесен на почетокот на 2018 година. Изработен е во инклузивна процедура со работна група од претставници на институции на државно и локално ниво, како и со граѓански организации. Утврдени се детални постапки за изработка и јавно објавување на зелен катастар, на Стратегија за развој на зеленилото, како составен дел од секој Генерален урбанистички план, на Основен план за подигање и развој на зеленилото, како и на Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото.
За потсетување, Законот за урбано зеленило обврзува на изработка на зелен катастар и обезбедување задолжителни 20 проценти зеленило на градежна парцела, како и 25 метри квадратни по жител на ниво на град. Но, законот нецелосно се спроведува, поради неусогласеност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и немање соодветен правилник, велат од ДОМ. Во собраниска процедура е новиот Закон за урбанистичко планирање, каде со голем број амандмани се води битка за конечно внесување на стандардите од Законот за урбано зеленило и во овој основен закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.

