Македонија
Јавен повик: Еден милион долари за финансирање на општините
За сума од 1 милион американски долари, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, заедно со амбасадорката на Кралството на Шведска, Кристин Форшгрен Бенгстон, и постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, го претставија отворениот јавен повик за финансирање на проектна документација за општините, за изградба и реконструкција на инфраструктурната мрежа, како и на јавните објекти.
„Ова е отворен јавен повик според кој ги мотивираме општинските власти да ја искористат можноста за употреба на европските фондови, овој пат со поддршка од УНДП, како и шведската амбасада со цел подобрување на патната инфраструктура, социјалната инфраструктура, како и проекти поврзани со животната средина, влијанието на климатските промени, како и заштита на водните ресурси. Ние како Министерство за локална самоуправа сме навистина благодарни за укажаната поддршка и помош, така што сите заедно навистина треба да ја направиме нашата држава подобро место за живеење“, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Тој објасни дека минималните и максималните износи за кои секоја општина може да поднесе барање се 10.000 американски долари и 30.000 американски долари. Максималната сума за поддршка за овој повик за предлози е 100%, односно нема потреба за кофинансирање од барателите во случаи кога конечниот износ за поддршка, а во случаи кога овој конечен износ ги надминува овие ограничувања, барателот ќе треба да обезбеди кофинансирање за разликата до крајниот износ од сопствени или други извори.
Шведска е долгорочен поддржувач на интеграцијата на нашата држава во ЕУ, обезбедуваат политичка поддршка и развој на соработка, на ниво на целата земја и на локалните заедници.
„Како некој што доаѓа од мало село, сметам дека поддршката на локалните самоуправи е исто така важна на ниво на целата земја. Во таа насока го поддржуваме и овој проект, кој ќе биде спроведен од УНДП. Шведската Влада обезбеди финансиски средства за воспоставување на овој Фонд за техничка документација. Фондот ќе има еден милион американски долари и целта е да ја поддржи подготовката на техничката документација од страна на општините.
Во рамките на овој проект општините преку најразлични проекти ќе може да учествуваат на јавниот повик со цел да ги подобрат инфраструктурата, патиштата, водоводната и канализациската мрежа, еколошките стандарди. Проектите ќе бидат финансирани преку грантови или, пак, кредити со ниска каматна стапка.
„Ние преку проектот ‘Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти’,сакаме да ги поддржиме општините во нивниот развој и да го подобриме животот на граѓаните преку најразлични развојни проекти во рамки на стратегијата и приоритетите на Северна Македонија и аспирациите за членство во ЕУ, а ова е само почеток на имплементирање на реформите и регулативите кои ќе придонесат во модернизирање на општините. Со сплотеност ние ќе помогнеме да се подобрат условите за живот во републиката на долг период“, вели Нарине Сахакјан, претставничката на УНДП во земјава.
Во ноември 2018 година УНДП и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА) го потпишаа договорот за спроведувањето на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“. Една од трите главни цели на овој проект е да се дефинира, воспостави и да се управува со Фондот за техничка документација што ќе ги обезбеди финансиските ресурси што им се потребни на помалку развиените општини за да ги завршат неопходните подготвителни работи (вклучително и урбанистичките планови) за изработка на проекти со коишто можат да конкурираат за фондови од ЕУ, од државата или од други донатори, било преку директни грантови или со кредити со ниски каматни стапки.
Од проектот исто така се очекува да се креира општински индекс за развој, алатка што ќе ѝ помогне на Владата, донаторите и други засегнати страни во регионалната развојна политика да одредат кои се помалку развиените општини согласно групата индикатори, а врз основа на статистичките и други официјално достапни податоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

