Македонија
Се демонтира угостителскиот објект од покривот на ГТЦ

Согласно одлуката на Градоначалникот Петре Шилегов, денеска почна демонтажата на угостителскиот објект на кровот на ГТЦ. Со овие активности, велат од Град Скопје, ќе се изврши демонтажа на изѕиданите sидови од сипорекс блокови, демонтажа на кровниот покрив и демонтажа на челичната конструкција над подот.
„По реакциите на граѓаните најпрвo беше донесена одлука за стопирање со работите на времениот објект. Во предвид беа земени општата и стручната јавност, и по консултациите со Асоцијацијата на Архитекти и Иницијативата “Го Сакам ГТЦ”, Град Скопје донесе одлука за демонтажа на објектот, а на неговото место ќе биде посадена трева со ниско украсни цветни аранжмани, во согласност со постојниот проект за зелен покрив на ГТЦ“, информираат од прес-службата на градот.
Оттука додаваат дека работата на останатиот дел од кровот е во полн ек и во текот на следната недела ќе почне поставувањето на земјената подлога, а кон крајот на овој месец може да се очекува поставувањето на првото зеленило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Фестивал на уличната храна и музика во срцето на Аеродром

Во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот фестивал на улична храна во Општина Аеродром (AERO Street Food Festival), при што ќе биде понудено уникатно гастрономско и музичко доживување за сите генерации.
Фестивалот се очекува да обедини 12 познати брендови за храна (Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen, Sorelle Focaccia, Lora’s Sushi, Bistro 64, 15 за 12, Milkey, Destan, Smash Burger, La Pizza и Ноа Гирадико) со богата понуда од четири различни кујни: А – американска, Е – европска, Р – регионална и О – ориентална. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети од уличната гастрономија, но и автентични традиционални јадења, проследени со богат избор на пијалаци.
Покрај храната, фестивалот секоја вечер од 17:30 до 00:30 часот ќе нуди музичка програма со настапи на врвни изведувачи (Рингтонс, Southpark, Breakdown band, Goce SAF, DJ Aleksandar Jordanov, DJ Marko, DJ Micov, DJ Shime, DJ Mono, DJ Foodieman, DJ Guardian и DJ Fico).
Програмата ќе биде збогатена и со интерактивни активности за публиката како натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други забавни предизвици со награди, што ќе го направи фестивалот атрактивен за младите и семејствата.
„Првиот фестивал на улична храна во нашата општина е одлична можност да се афирмира урбаната култура и заедништвото преку храната, музиката и позитивната енергија. Убеден сум дека паркот „Авионче“ во септември ќе биде новото омилено место на жителите и посетителите на Аеродром“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Фестивалот во срцето на Аеродром се организира со поддршка од Општината, а влезот за сите посетители е бесплатен.
Македонија
СДСМ: Најавата на Мицкоски за поставување владини повереници е директен напад врз уставниот поредок

Во очи на локалните избори, премиерот Христијан Мицкоски отворено најавува суспендирање на Уставот и волјата на граѓаните. Неговата изјава за поставување „владини повереници“ претставува директен напад врз уставниот поредок и граѓанската волја, реагира СДСМ.
„Ова не е ништо друго освен дрзок обид за узурпација на власта, суспендирање на законите, изборниот процес и заобиколување на граѓанската волја. Како тоа Мицкоски планира да ја суспендира Државната изборна комисија (ДИК) и да ги преземе нејзините законски надлежности? ДИК е единствениот надлежен орган за спроведување на изборите, а изборите веќе се распишани и се одвиваат според Изборниот законик“, велат од СДСМ.
Додаваат дека ако Мицкоски сака преку своите „повереници“ да спроведува политики без волјата на граѓаните треба да знае дека тоа нема му го дозволат граѓаните.
„Тезата за „збунувачки“ ливчиња поради независни кандидати е апсурдна. И на минатите локални избори имаше голем број на независни кандидати и листи во општините па не беше никаква пречка. Зошто сега му пречи демократската слобода на граѓаните да се кандидираат и да го дадат својот глас? Зад најавите за „неуспешни“ избори јасно е дека се крие паниката поради сериозениот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ. Во Македонија мора да има слободни, фер и демократски избори на кои граѓаните јасно ќе ја изразат својата волја!“, се додава во партиската реакција.
Македонија
Документацијата за Стоматолошката комора стигна во рацете на Обвинителството

Министерството за здравство соопшти дека целокупната документација и наодите од извештаите на комисиите што вршеле надзор над работата на Стоматолошката комора се доставени до Јавното обвинителство за натамошно разгледување и постапување во согласност со законските надлежности.
До Обвинителството се испратени три извештаи за работата на комисијата за надзор над законитоста при вршење на јавното овластување на Комората, изготвени на 25 февруари, 15 мај и на 21 мај годинава. Дополнително, доставено е и известување од 11 март 2025 година до Стоматолошката комора, како и документација од Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Министерството потсетува дека, додека трае постапката и привремено се преземени надлежностите, докторите по стоматологија може да ја достават потребната документација за добивање или продолжување лиценца директно во архивата на Министерството, до Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство пред две седмици ги презеде нејзините надлежности. Тогаш министерот за здравство Азир Алиу изјави дека надзорите и документите покажале сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати што неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и на конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот. Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на прес-конференција изјави дека повеќекратните контролни надзори не откриле неправилности во работењето на Комората. Тој ги демантира тврдењата дека Комората не постапила по насоките од министерот и најави консултации со поранешни претседатели за да го слушнат и нивното мислење.