Свет
Во гроб во Индија пронајдено живо бебе
Новородено женско бебе било пронајдено закопано живо во северната индиска држава Утар Прадеш, јавува Би-би-си.
Маж го пронашол бебето ставено во сад и положено во гробот кога отишол да ја погреба својата новородена ќерка, која починалa неколку минути по раѓањето. Мажот веднаш повикал полиција и бебето било однесено во болница, а нејзината здравствена состојба се подобрува.
Полицијата соопшти дека ги бара родителите на бебето и испитува кој ја закопал жива.
Началникот на локалната полиција изјави дека бебето го пронашол дуќанџија чија ќерка била родена предвреме и починала во четвртокот. Во вечерните часови тој отишол да го погреба нејзиното тело и пронашол живо закопано бебе.
„Додека копале гроб за нивната ќерка, со лопатата удриле во некаков вид корпа и ја извлекле надвор. Во неа пронашле живо бебе“, објаснил началникот.
Полицијата се сомнева дека родителите намерно го погребале бебето.
Во Индија жените се сметаат како финансиски товар, особено во сиромашните семејства. Поради ова, вообичаени се абортуси на женски фетуси, но не е реткост и да се убие женско новороденче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Ова се руски агенти, сакаа да го убијат Зеленски“
Украинските разузнавачи соопштија дека спречиле руски заговор за атентат на претседателот Володимир Зеленски. Украинската служба за државна безбедност СБУ објави дека фатила руски агенти кои биле вработени во украинската државна гарда. Разузнавачките претставници велат дека руски агенти планирале да го убијат претседателот и други високи владини функционери.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, изјави дека неуспешниот атентат требало да биде „подарок“ за Владимир Путин пред неговата денешна инаугурација.
СБУ на својот канал на Телеграм објави тврдење дека руски таен агент ги пренел координатите на безбедната куќа пред планираниот воздушен напад. Претставници на разузнавањето додадоа дека Русија планирала да ги уништи сите траги од дронот што би се користел за гаѓање на претседателот со друг проектил.
„Непријателот активно развиваше планови за да го тргне претседателот Володимир Зеленски. Една од задачите на руската разузнавачка мрежа ФСБ беше да бара џелати меѓу војниците блиски до службата што го штити претседателот, кои би можеле да го убијат шефот на државата“, соопштија од СБУ.
„Покрај Володимир Зеленски, непријателот планираше да ги елиминира и шефот на Службата за безбедност на Украина Васил Маљук, шефот на Воената разузнавачка служба на Украина Кирил Буданов и други високи функционери“, се вели во соопштението.
„Ограничен број луѓе знаеја за нашата специјална операција и јас лично го следев нејзиниот напредок. Терористичкиот напад, кој требаше да биде подарок за Путин пред инаугурацијата, всушност беше неуспех на руските специјални служби“, рече Маљук.
„Но, не смееме да заборавиме – непријателот е силен и искусен, не може да се потцени. Ќе продолжиме да планираме однапред и да си ја работиме работата секој предавник да ги добие заслужените судски казни“, заклучи тој.
СБУ наведува дека при претресот на просториите на уапсените руски агенти биле пронајдени „релевантни средства за уништување“ и други докази за криминални активности.
Свет
Во Америка доминира нов потсој на коронавирусот, варијанта што ги загрижува научниците
Нова група на подваријанти на коронавирусот циркулира во САД. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ), моментно доминантна е подваријантата наречена FLiRT.
Една од подваријантите на FLiRT) е КП.2 и таа е одговорна за речиси 25 проценти од сите инфекции во САД. Сите варијанти што се во оптек се дел од микронскиот сој на вирусот САРС-КоВ-2, попознат како коронавирус.
Меган Л. Рејни, декан на Факултетот за јавно здравје „Јејл“, рече дека FLiRT има некои загрижувачки карактеристики, кои се одговорни за неговото ширење меѓу населението, односно овозможуваат вирусот да се закачи за телото и да предизвика болест, пренесуваат американски портали.
ЦДЦ наведува дека Ковид-19, болеста предизвикана од коронавирусот, продолжува да претставува значителна закана за јавното здравје и покрај севкупното намалување на сериозните болести предизвикани од овој вирус. Сепак, стапката на хоспитализација на луѓето со Ковид-19 останува висока кај оние на возраст над 65 години.
Американскиот комитет за имунизација препорача сите постари од 65 години да добијат дополнителна доза од вакцината против Ковид. Тие посочуваат дека имплементацијата на овие препораки треба да го зајакне имунитетот против вирусот и да го намали ризикот од сериозни состојби што болеста може да ги предизвика, вклучително и смрт.
Европа
Босфор затворен, заринка украински брод
Теснината Босфор, која го поврзува Црното со Средоземното Море, е затворена за бродови откога денеска таму заринка товарен брод од Украина, соопштија турските власти за ДПА.
Бродот „Алексис“ превезува прехранбени производи од Украина до Египет. Дефект на моторот се случил во близина на излезот од пловниот пат, изјави портпаролот на Управата за безбедност на крајбрежјето за дпа.
Спасувачките напори се веќе во тек, додаде изворот. Босфорот служи како излез за украинското жито на светските пазари во екот на руската инвазија. Речиси 40.000 брода поминале низ Босфорот во 2023 година, според турското Министерство за транспорт.