Македонија
Заев: Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската Унија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска присуствуваше на Конференција на почесни конзули што се одржа во МНР, а на којашто присуствуваа почесни конзули од повеќе континенти и држави, од САД, Австралија, Индија, Индонезија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Романија, Турција, Казахстан, Словенија, Хрватска, Јордан, Сирија.
Заев во рамки на обраќањето оцени дека ова е неповторливо време за земјата, посочувајќи на заокружувањето на интеграцискиот процес во НАТО и очекувањата за почеток на преговорите со ЕУ како можност и за економски развој.
„Очекуваме, не подоцна од оваа година, дека конечно ќе добиеме позитивна одлука од Европската Унија, бидејќи речиси 14 и пол години чекаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, што е многу важно за нас. Главниот проблем што нè спречуваше во минатото беше прашањето со Грција, но сега по решението постои многу мотивација внатре во земјата што резултираше со огромен успех во реформскиот процес, заедно со опозицијата. Донесовме и нови регулативи коишто се потврдени од Европската комисија и даваат многу јасна препорака да се почнат преговори со ЕУ. Исто така би сакале да го продолжиме овој моментум на мотивација во нашава земја и да продолжиме со позитивната насока, што е многу важно за животот, директно има влијание врз економската состојба, врз животот на граѓаните, но и врз целиот поширок регион во Западен Балкан“, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека Република Северна Македонија е следната земја членка на НАТО, што оди во прилог на економскиот развој.
„За нас, НАТО значи стабилност и безбедност, што е многу важно и за секој инвеститор, тоа е минимумот што го очекуваат за да одлучат да инвестираат во земјава. Тоа ќе го оствариме преку процесот на интегрирањето во НАТО. Очекуваме дека од наредната, 2020 година ќе бидеме полноправна земја членка на НАТО. Не очекуваме никакви пречки или поплаки од некои од земјите членки, сепак тоа е процес што мора да биде потврден низ парламентите на секоја земја членка на НАТО. И секако тука е Европската Унија којашто за нас значи поголема трансформација и подобрување на демократските состојби и станување на вистинска европска земја со европски вредности. Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската Унија, за да се одржи и нашата мотивација, да продолжиме да работиме и да се движиме во оваа насока. Да го започнеме процесот на преговори со ЕУ – тоа е едно патешествие кое што ќе нè трансформира да станеме подобра земја, а ќе ни даде и поголема мотивација за идната економска соработка на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Некој нè нарече светлечка земја, ѕвезда на Балканот, што е еден вид и потврда за амбиентот за чувството во Европската Унија, затоа што ние навистина работиме напорно заедно со опозицијата, изгласавме многу нови закони и регулативи и мислам дека тоа ќе придонесе позитивно кон нашата држава, особено регулативите поврзани со правосудството, со борбата против корупцијата, како и подобрување на безбедноста на државата. И тоа исто така ќе мотивира уште повеќе бизнисмени и граѓани да работат уште подобро во Република Северна Македонија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на почесните конзули за сè што прават во подобрувањето на имиџот на земјата и повика во претстојниот период посебно да партиципираат во позитивните процеси, во економските придобивки и развојот на државата. Во обраќањето тој на кратко објасни за досегашните економски постигнувања коишто се значително поголеми од претходните години, поради севкупната позитивна клима во државата, за поддршката што ја дава државава на фирмите, за даночните олеснувања со коишто тие може да работат профитабилно, одржливо и безбедно, а дека за граѓаните и за нашата земја тоа значи поголемо производство дома и повеќе работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels

