Македонија
Почна изградбата на новата пречистителна станица во Битола
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, денеска беа на увид на новата пречистителна станица, клучна за животната средина и Пелистер. Оваа пречистителна станица е една од предностите што ги има Општина Битола и Националниот парк „Пелистер“, истата претставува голем потенцијал за развојот на туризмот во Општина Битола.
„Во рамки на проектот за подобрување на управувањето на заштитените подрачја, започна изградбата на пречистителната станица за собирање на сите отпадни води на територијата на Националниот парк ‘Пелистер’ со капацитет 500 еквивалент жители“, истакна заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Овој проект се очекува да придонесе за заштита на животната средина и да го придвижи развојот на туризмот во најстариот национален парк во Република Северна Македонија.
„Затоа и се имплементира овој проект, за кој што Општина Битола учествуваше и со финансиски средства директно од буџетот на општината, со над 15.000.000 денари, дополнително на тоа дојдоа средства од Министерството за животна средина коишто локалните самоуправи ги добиваат согласно законските одредби, меѓутоа и помошта од УНДП со над 9.000.000 денари за изградба на оваа пречистителна станица“, додаде Петровска.
„Колекторскиот систем заедно со испустот е некаде околу 2.029 метри, којшто ќе овозможи отпадните води коишто досега не биле третирани од потпелистерието да бидат опфатени како што доликува и како што налагаат светските стандарди. Ова покажува дека вршиме навистина сериозен пристап кон понатамошниот развој на потпелистерието во однос на туризмот. Затоа ме радува што денес имаме ваква фаза на имплементација на овој проект, којшто во пролетниот период треба да биде завршен“, истакна Петковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

