Македонија
„Џифонци“ се дружеа со екипата на „Фамилија Марковски“ и ексклузивно видоа дел од втората сезона
Екипата на ТВ-серијата „Фамилија Марковски“ предизвика голем интерес вчера кај учесниците на „Џифони Македонија“ во киното „Фросина“. Интересни прашања и коментари беа упатени до режисерот Даријан Пејовски и актерите Петар Петковски, Владимир Петровиќ, Силвија Стојановска, Сара Анастасовска и Јана Симоновска.
Пејовски објасни дека и во втората сезона фокусот ќе биде ставен врз петчленото семејство во кое секој на свој начин има борба во општеството и се труди да го направи подобро.
„Кога снимате прва сезона, никој нема вистински очекувања, но кога правите втора сезона, веќе имате некаква водилка и се трудите двојно повеќе за да ги направите поинтерсни. Епизодите се подолги, по 40 минути, има нови ликови. Во оваа сезона работевме повеќе на внатрешните проблеми во семејството. Во првата повеќе обрнавме внимание на општеството, а сега повеќе на ликовите. Морам да признаам дека имаше моменти кога за малку и ќе се откажевме од втората сезона, ама, за среќа, издржавме“, рече Пејовски.
„Џифонци“ имаа ексклузивна шанса да проследат дел од епизода од втората сезона на серијата. Беше прикажана епизода во која се зборува, меѓу другото, и за алкохолот и младите.
Младиот Петар Петковски, кој го толкува Бојан, вели дека серијата позитивно му влијаела.
„Јас останав ист. Никогаш претходно не сум помислил дека ќе имам шанса да седам пред публика како вас и да разговарам. Со ‘Фамилија Марковски’ добив шанса и мислам дека добро се снајдов. Ми се допаѓа глумењето, сѐ уште не знам дали ќе продолжам во таа насока. Многу случајно влегов во ова, сестра ми одеше на часови по глума и таа ме мотивира да се појавам на аудиција за серијата и го направив тоа поради неа“, вели Петар, кој е средношколец.
На прашањето дали има сличности со ликот што го толкува, Петар категорично рече дека не го сака јутјуберството, што е страст на ликот Бојан.
За актерот Владимир Перковиќ, оваа серија имала големо влијание, особено затоа што му бил прв ТВ-проект веднаш по дипломирањето.
„Имајќи предвид како се снима во Македонија, ‘Фамилија Марковски’ крена некои стандарди“, вели Петровиќ. Актерката Сара Анастасовска се појавува во втората сезона и е пресреќна со шансата да снима повеќе денови оти тогаш вистински се учи.
Актерката Силвија Стојановска истакна: „Првпат во мојата кариера, кога ја снимавме првата сезона, го имав чувството дека екипата прави голема работа. Кога го прочитав сценариото, видов дека оваа серија смени многу работи во нашето општество. Ќе продолжиме со тоа и во втората сезона“.
Актерката Јана Симоновска истакна дека искуството што го имале заедно било прекрасно и разните генерации воопшто не правеле проблем. Продуцент на серијата е Емилија Чочкова. Снимањето е завршено, а сѐ уште не се знае каде ќе се прикажува.
Големи пофалби „џифонци“ добија од Јакобо Губитози, кој е претставник на „Џифони искуство“ од Италија. Тој најави дека фестивалот од наредната година, кога ќе одбележува јубилеј од 50 години, ќе го смени своето име и ќе се вика Giffoni Opportunity – „Џифони можност“.
„’Џифони’“ соработува со важни партнери како ‘Гугл’, ‘Касперски’, ‘Јутјуб’. Целта е сите овие соработки да ги донесеме и во Македонија. Задоволство ни е да ве видиме овде многубројни, среќни, расположени. ‘Џифони’ не е само дружење и гледање филмови. Сакаме да помогнеме во разменета на искуства и запознавања луѓе, нови култури и затоа го менуваме името. ‘Џифони’ ви се заблагодарува на љубовта што му ја посветувате на фестивалот. Во Италија лани имавме 6.200 учесници од повеќе од 50 земји. Нашата цел е да успееме да донесеме уште повеќе луѓе и земји учесници“, рече Губитози.

Тој им даде совет на младите: Бидете активни и љубопитни, поставувајте прашања, затоа што благодарение на вашата активност, ќе бидат избрани 10-ина учесници што ќе ја претставуваат Македонија на следното издание на „Џифони можности“. Македонија има најголем број учесници во Италија, а сите други земји имаат по 4-5. Ние ги обожаваме македонските учесници на „Џифони“ зашто се многу активни и елоквентни.
„Џифонци“ вчера имаа и мастер-клас заедно со PMI Macedonia на тема „Проектен менаџмент – вештини за живот“. Патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи денеска се наоѓа покрај фонтаната во Градскиот парк. Денеска, во 13 часот, ќе ја посетат и министрите за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и за образование и наука, Арбер Адеми.
Денес, „џифонци“ ќе гласааат за најдобрите филмови на фестивалот. Ќе се одржи и мастер-клас на „О2/иницијативата“ на тема „Јас, обичниот граѓанин, во борба против аерозагадувањето“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

