Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара враќање на старите законски решенија за спортот

Предлог-законот за спорт, што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го поднесе до Собранието, со кој се бара враќање на старите законски решенија кои беа позитивно прифатени од спортска јавност и даваа одлични резултати, е повеќе од неопходна, изјави Трајче Димков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, постојното законско решение што го донесе Владата предводена од СДСМ продолжува да им прави проблеми на спортските федерации и спортистите, а дополнителен проблем е и новата ситуација што се појави во парламентарното мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ со Законот за данокот на добивка, во кој измените се однесуваат токму за вредноста на ваучерите што им се доделуваат на спортските субјекти од страна на Агенцијата за млади и спорт, а преку кои се врши донирање финансиски средства од страна на правните лица во спортските субјекти и се користи даночното ослободување.
„Коaлицискиот партнер на СДСМ, ДУИ, побара симнување на оваа точка од дневен ред, што предизвика еден вид блокада на носењето на овој закон. Спортските федерации и спортистите реагираат со право и бараат политичките пазарења да се тргнат настрана од спортот.
Иако, според нас се работи за проблем што СДСМ и ДУИ треба како коалициски партнери да го решат, ние сметаме дека сепак овој постоен закон ќе продолжи да им нанесува штета на спортските клубови, особено на оние што се натпреваруваат во помал ранг и не може да успеат да ги исполнат критериумите што ги постави Агенцијата за млади и спорт за да добијат право на ваучер, односно финансиски средства, што им се повеќе од потребни.
Реализацијата на ваучер-системот мора да се напомене дека во моментот не е многу практичен од причина што повеќето од спортските клубови што се натпреваруваат во втората, односно третата лига, и другите младински лиги во националните првенства, се одземени од негово користење и не се во можност понатаму да функционираат и да се натпреваруваат.
Од друга страна, пак, спортските клубови што го имаат ваучерот од страна на Агенцијата за млади и спорт се соочуваат со големи проблеми за неговото реализирање затоа што правните субјекти, односно потенцијалните спонзори, не се доволно информирани и кај нив постои скептицизам во врска со начинот и постапката за неговата реализација.
Според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, единствено решение е да се врати старото законско решение, кое даваше одлични резултати, и понатаму во дебата и разговори со спортските федерации да се работи на овозможување уште подобри услови и изнаоѓање начини како спортот во Република Македонија поквалитетно да добива финансиска сигурност бидејќи тоа е единствениот начин за негов развој“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.