Македонија
Дино Мерлин ќе ги забавува скопјани за пречекот на Нова година
Балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин ќе ги забавува жителите на Скопје, но и сите гости од земјава и регионот што ќе одлучат Новата 2020 година да ја дочекаат на плоштадот Македонија. Настапот на Дино Мерлин и дел од новогодишните содржини што ќе ја збогатат претстојната празнична сезона во градот денеска ги најави градоначалникот Шилегов.
„Град Скопје заедно со новиот пријател на Скопје, Дино Мерлин, на сите посетители на новогодишната вечер ќе им понуди уникатно шоу, кое се подготвува специјално за тој новогодишен концерт и кој долго ќе го паметат присутните. За мене, императив е граѓаните што ќе дојдат на плоштадот да си поминат убаво, со стандарди на едно шоу што ретко може да се види во нашиот град“, рече Шилегов.

Град Скопје годинава порано го најавува настапот на Дино Мерлин на новогодишната вечер со цел сите обожаватели на неговата музика да може навреме да планираат Новата 2020 година да ја пречекаат во пријатна атмосфера и со добра забава во срцето на Скопје.
„Ми претставува особена чест да настапам на вакво посебно место, какво што е главниот плоштад во Скопје. Концертот и шоуто што ги подготвуваме, ќе бидат нашиот прв настап по цела година од завршувањето на патот околу светот наречен ‘Хотел Национал’, а кој траеше речиси пет години. Ми недостигаше мојата публика и многу се радувам на новиот предизвик – Новата година на плоштадот ќе биде првиот чекор во новиот пат околу светот и нов проект. Сакам да нагласам дека разликите и тешкотиите не постојат кога срцата ни се отворени, а целите исти. Целта е за Нова година во Скопје да реализираме шоу какво што заслужува овој посебен град и земја и да им го дадеме најдоброто од себе на сите драги луѓе што заедно со нас ќе влезат во Новата 2020 година“, рече денеска Мерлин.
Во пресрет на Новата година, во текот на декември и оваа година ќе биде поставена новогодишната населба наречена „Винтерленд“. Град Скопје работи на збогатување на програмата и надградување на концептот на „Винтерленд“, односно „Винтерленд“ оваа година ќе понуди повеќе содржини и поголема забава за граѓаните што во студениот декември ќе сакаат да ја почувствуваат новогодишната магија на градскиот плоштад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.
Македонија
Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.
Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.
„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.
Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Трајановски е активен на политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.

