Македонија
Османи: Една земја не дозволи заокружена одлука за почеток на преговорите
Денес 27 земји членки побараа јасно и недвосмислено Република Северна Македонија да добие нов импулс во европските интеграции за да продолжи на патот на реформите за што сме им особено благодарни. Но, денешниот Совет на ЕУ покажа дека и на Унијата ѝ е потребна реформа. Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за почеток на преговорите, напиша вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, откако земјата не доби датум за почеток на преговорите.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме објавата на Османи:
Почитувани пријатели, поддржувачи, почитувани граѓани,
Свесен сум дека изминативе неколку дена секој од нас, на одреден начин, беше под притисок на измешани чувства – на исчекување и надеж, но и на чувство на немир и тензија. И тоа е веројатно нормално имајќи предвид дека европските интеграции се наша суштинска определба, а припадноста во европското семејство наша автентична ориентација.
Сакам да ве уверам дека на овој пат навистина направивме многу; направивме буквално сѐ што е во наша моќ и тоа ни го признаваат сите, буквално сите политички центри на моќ го признаваат напредокот на земјава. Од реформи со кои ја вративме довербата на граѓаните во институциите до зрели политички компромиси со кои создадовме земја опкружена со соседи пријатели.
И не е дека овој резултат не беше вреднуван. Стануваме 30-та членка на НАТО – нашата најважна гаранција за стабилна и безбедна иднина; но минавме и во нова фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, со која институционално се поврзуваме со Унијата; го почнавме набљудувачкиот скрининг, а станавме и членки на јадранско-јонската група земји. Едноставно како земја навистина се вративме на евро-атлантскиот пат во најширока смисла на зборот.
И ова не е само наша констатација. За ова добивме потврда и од Европската комисија, и од соседите и од земјите членки на Унијата. Денес, 27 земји членки побараа јасно и недвосмислено Република Северна Македонија да добие нов импулс во европските интеграции за да продолжи на патот на реформите за што сме им особено благодарни. Но, денешниот Совет на ЕУ покажа дека и на Унијата ѝ е потребна реформа. Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за почеток на преговорите.
Јас немам дилеми дека европскиот кредибилитет не само во земјата туку и во целиот регион од денес е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор. Но, тоа не смее да нѐ оддалечи од европските вредности. Ние сме дел од Европа и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформи, да продолжиме во изградбата на добрососедските односи, да продолжиме да ги негуваме соживотот и мултикултурното општество – едноставно, да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

