Свет
10 илјади полицајци на улиците на Чиле, приведени 1.462 демонстранти

По итен состанок доцна во неделата претседателот на Чиле, Себастијан Пињера, ја бранеше својата одлука да воведе вонредна состојба и да распореди војници на улиците за првпат од воената диктатура на Августо Пиноче меѓу 1973 и 1990 година.
„Демократијата не само што има право, таа има обврска да се брани со употреба на сите инструменти што самата демократија ги обезбедува, и владеењето на правото да се бори против оние кои сакаат да го уништат“, рече Пињера во ноќното телевизиското обраќање од воениот штаб во Сантијаго.
„Ние сме во војна против моќниот непријател кој е подготвен да користи насилство без никакви граници“, додаде тој.
Околу 10.500 полицајци и војници се распоредени на улиците на главниот град на Чиле, Сантјаго, по немирите кои настанаа на протестите поради најавите за зголемување на цените на јавниот превоз, одлука која потоа беше суспендирана од владата.
Најмалку осум лица загинаа во инциденти поврзани со протестите. Пожарникарите соопштија дека пронашле пет тела во една фабрика запалена во немирите во предградие на Сантијаго. Претходно три лица изгореа во подметнат пожар во супермаркет.
1.462 демонстранти се приведени низ целата земја, соопштија официјалните лица, додека две лица имаат прострелни рани по судирот со полицијата.
Во Сантијаго продавниците се затворени, запрен е јавниот превоз, а некои летови на меѓународниот аеродром беа откажани или презакажани.
Најмалку една линија на метро се очекуваше повторно да проработи денеска, откако целиот систем беше затворен во петокот, поради штетата предизвикана за време на немирите, кои се сметаат за најнасилните што се случиле во оваа земја последниве децении.
Претходно во неделата полицијата и војската пукаа со солзавец и користеа топови со вода против демонстрантите во градот, додека судирите околу зголемувањето на цените и социјалната нееднаквост беснееја веќе трет ден, принудувајќи ја владата да го продолжи полицискиот час.
Властите објавија дека се случиле 103 сериозни инциденти низ целата земја, при што се приведени со 1.462 лица – 614 во Сантијаго и 848 во другиот дел на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Еквадор е воведена вонредна состојба, немирите ескалираа на улиците

Еквадорскиот претседател, Даниел Нобоа, прогласи вонредна состојба во десет од 24 провинции во земјата поради внатрешни немири предизвикани од протестите на заедницата на староседелци поради зголемувањето на цените на дизелот, јавуваат денеска медиумите.
Како што се наведува во декретот на Нобоа, овие протести станале насилни, па вонредната состојба била воведена со цел да се избегне нивната понатамошна радикализација, пренесува агенцијата Ефе.
Тој додаде дека за време на насилните демонстрации, припадниците на полицијата и војската биле нападнати, а некои од нив биле киднапирани и физички малтретирани.
Нобоа забрани јавно собирање во десет провинции, додавајќи дека мирни протести ќе бидат дозволени доколку не ги загрозуваат правата и слободите на другите граѓани.
Меѓу причините за воведување на овие мерки, кои ќе важат 60 дена, тој ги наведува и неодамнешните изјави на претседателот на Националната конфедерација на староседелечки народи (CONAIE), Марлон Варгас, кој предупреди дека протестите може да ескалираат и да доведат до заземање на главниот град Кито, ако нивните барања не бидат уважени.
Свет
Хрватот кој беше уапсен поради летање дрон близу аеродромот во Франкфурт се соочува со казна до 50.000 евра

Германската полиција презеде мерки против 41-годишен хрватски државјанин поради управување со дрон во зона забранета за летови во близина на аеродромот во Франкфурт.
Портпаролот на полицијата во Франкфурт изјави за ДПА дека нема докази дека уапсениот маж е поврзан со Русија.
Човекот им рекол на полицајците дека „само сакал да го испроба својот нов дрон“.
Хрватскиот државјанин се гони за прекршок и се соочува со парична казна. Во Германија, летовите со беспилотни летала над чувствителни области како што се аеродроми, затвори или воени бази се строго забранети. Казните за нелегални летови се до 50.000 евра.
Уште посериозно, ако се утврди дека летот претставувал опасна интервенција во воздушниот сообраќај, сторителот се соочува со затворска казна од шест месеци до десет години.
Свет
Трамп: Хамас ќе се соочи со тотално уништување ако не се согласи со планот за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас ќе се соочи со „тотално уништување“ ако одбие да ја предаде власта и контролата врз Газа.
„Тотално уништување!“ , рече Трамп за Си-Ен-Ен, кога го прашаа што ќе се случи со планот за прекин на огнот од 20 точки на Белата куќа ако Хамас инсистира да остане на власт.
На прашањето дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржува прекинувањето на бомбардирањето на Газа и пошироката визија за САД, Трамп за Си-Ен-Ен изјави: „Да, Биби е за“.
Американскиот лидер додаде дека наскоро ќе се знае дали Хамас е навистина посветен на мирот.
– Ќе дознаеме. Само времето ќе покаже – одговори Трамп.
Овде прочитајте што содржи планот на Трамп за прекин на војната во Газа составен од 20 точки.