Македонија
Заев доби поддршка од коалициските партнери за датумот за избори

По средбата кај претседателот, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, информираше дека одржале и коалициски состанок, на кој присуствувале сите коалициски партнери, освен оние од албанскиот блок коишто веќе беа присутни кај претседателот на државата.
„Сакаме да афирмираме неколку вредности. Оваа коалиција останува стопроцентно посветена на нашиот евро-атлански пат. Демотивацијата којашто ЕУ преку една земја членка успеа да ја вгради во нашите души нема да нè обесхрабри да го продолжиме тој пат. Ние веруваме во европските вредности, веруваме дека нашиот народ од сите етнички заедници заслужува да биде европски народ, којшто ќе ги живее истите европски вредности кои то ги живеат граѓаните на модерните западноевропски земји, каде што владее правото, каде што се севкупните слободи пример за сите граѓани, каде што имаме модерно образование, добро здравство, позитивна култура, како одраз на нашиот мултиетнички состав на државата.
Веруваме дека во овој правец толку силно ќе го блеснеме нашето заедничко македонско сонце коешто дефинитивно ќе побуди дополнителна дебата, позитивна во ЕУ којашто конечно треба да ја донесе одлуката за почеток на преговорите. Со таа трансформација низ преговарачкиот процес навистина да станеме европска земја“, изјави Заев.
Тој додаде дека сите даваат поддршка на определениот датум за избори. „Ги договоривме чекорите на воспоставување на постулатите на коалицијата, нови изборни ветувања за граѓаните. Програмата ќе биде создадена во целиот овој период, но исто така, реализацијата на она што досега не е дореализирано има поголем период да биде изреализирано во следните безмалку шест месеци коишто претстојат до изборите.
Вака фокусирани, продолжуваме сите заедно да им служиме на граѓаните. Ние сме лидерите на граѓаните коишто ја димензионираат иднината на нашата Република Северна Македонија на вистинскиот пат, на правиот пат, на патот на којшто нè препозна Европската Унија, САД и целиот демократски свет со којшто имаме стратешко партнерство. Патот што докажавме дека е возможен, конечно да се пронајде во овие 28 години независност на нашата земја и веруваме дека сите граѓани ќе останат цврсто на таа определба, давајќи поддршка на еден нов, чист мандат во којшто ќе ги продолжиме ваквите политики“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незаконска употреба на пиротехника на журката на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, зошто МВР молчи“, прашува СДСМ

„Срамната и скандалозна е прославата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ – журка која се одржа додека Македонија сè уште е во црно, додека 62 семејства жалат за загубените деца, а над 200 млади се борат со последиците од трагедијата во Кочани“, велат од СДСМ.
„Срамно е што на оваа прослава се аплаудираше на говор полн со омраза од премиерот Мицкоски, насочен кон семејствата на повредените и загинатите во Кочани.
Дополнително, беа употребени и пиротехнички средства, кои не само што се законски забранети и опасни – токму се и причина за пожарот и големата трагедијата во Кочани што ја зави државата во црно.
Кој наредил и кој одобрил употребата на пиротехника на прославата на УМС? Кој ја набавил и ја дистриубуирал? Зошто МВР молчи? Или за УМС на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите?
Согласно новиот закон, членот 31 предвидува казни и одговорност за употреба на пиротехнички средства на овој начин“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи, казни и одговорност согласно законите.
Македонија
Министерството за социјална политика со веб – страница достапна за лицата со попреченост

Министерството за социјална политика, демографија и млади стана првата јавна институција која има целосно пристапна веб-страница за лицата со попреченост, во согласност со Европската директива EN 301 549 и стандардите WCAG 2.1.
„Ова претставува историски чекор кон дигиталната инклузија и еднаквост. Со поддршка на тимот од AccessWay, овозможивме веб- страницата на министерството да стане достапна за сите корисници, вклучително и за лицата со визуелна, моторна или когнитивна попреченост“, велат од Министерството, од каде повикуваат сите јавни институции да го следат овој пример.
„Заедно можеме да изградиме општество и иднина што ќе биде поправична, поеднаква и поинклузивна за сите“, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
„Човекот кој инсистираше Алијансата за Албанците да се поврзе со Ахмети, денес ќе се изгласа за министер за здравство“, велат од АА

„Азир Алиу, човекот кој инсистираше Алијансата за Албанците да се поврзе со Али Ахмети, прв и главен човек кој ја иницираше комуникацијата со него… денес ќе се изгласа за министер за здравство!!!“, велат од Алијансата за Албанците.
„На денешната собраниска седница се очекува да се направи замена на владините позиции што ги напушти Алијансата за Албанците.
Имаме неколку јавни прашања:
Ги прашуваме Билал, Изет: Дали паднаа во вода координираните соопштенија во доцните часови против Алијансата за комуникации со ДУИ, кога денес го правите минситер Азир Алиу, кој беше главен јазол на тие комуникации?
А Фетаи го прашуваме: Најголемиот дел од позициите што ги напушти АА, тивко ги заземаат луѓето на Изет, значи во ВРЕДИ ти повеќе лобираше за луѓето на Изет? И Фета, сме слушнале дека сакаат да ти ја земат функцијата за да намамат помала партија да се приклучи на владата, дали и тебе ќе те направиме амбасадор?
И на крај, го прашуваме принципиелното ВМРО-ДПМНЕ: Каде отидоа „црвените линии“ со ДУИ што постојано ги споменувате во јавните изјави, сега кога во владата доведувате луѓе кои беа мост за поврзување со ДУИ?
Како заклучок, длабоко ви благодариме што со отвореното пазарење што го правите во очите на народот, придонесовте за зајакнување на Алијансата за Албанците како никогаш досега, бидејќи народот секој ден сè појасно разбира зошто ве напуштивме и колку добро направивме!
Октомври е многу блиску, се гледаме тогаш!“, се наведува во соопштението на Алијансата за Албанците.