Македонија
Шекеринска: Евро-атлантскиот курс останува непроменет, нема дилеми дека тоа ќе го потврдат и граѓаните

Членството во најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата значи дека влегуваме во еден систем на колективна безбедност, дека каков било напад на државата значи напад на сите други 29 земји членки, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на синоќешната панел-дискусија во Куманово посветена на придобивките од членството во НАТО.
„Освен политички знак, членството во алијансата е и знак за позитивните економски трендови – во годината во која што ја добивме НАТО-поканата, ние имавме четири пати повеќе странски инвестиции од претходната година, односно повеќе од вкупните инвестиции во 2012, 2013 и 2014 година“, рече Шекеринска.
Министерката додаде дека на земјава наскоро ѝ претстојат одлуки што ќе покажат дека граѓаните немаат дилема околу нашата евро-атлантска ориентација.
Посочи дека реформите во одбранбениот сектор се реализираат и за членството во НАТО, но и за нашата држава, нашата армија, нашите војници и дека наскоро ќе бидат објавени серија мерки кои значително ќе го подобрат стандардот на припадниците на армијата и статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст.
Во однос на ратификацијата на пристапниот протокол, министерката рече дека во случајот со нашата држава, тој се движи исклучително брзо – досега парламентите на 25 земји членки го завршиле процесот, додека, пак, фактот што ратификациите од нашите соседи биле особено брзи, како што рече таа, покажува дека Балканот се менува и дека земјите научиле од своето лошо искуство низ историјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Остро го осудуваме вооружениот напад врз нашиот кандидат во Куманово

Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега, велат од ДУИ по денешното пукање што се случи во Куманово во кое беше повредено едно лице.
„Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, велат од партијата.
Од ДУИ упатија апел до нивните поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, соопштија од партијата.
По пукањето пристигна и реакција на коалицијата ВЛЕН.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“ добија 22,6 милиони денари од државата

Владата на денешната седница ја усвои одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“, и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
„Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2“, соопштија од Министерството.
Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.