Македонија
Хелсиншки комитет: Развлекувањето на случајот „Тамара“ создава сомнеж за несовесно водење на постапката

По пристигнување на веста за поднесеното барање за изземање на јавниот обвинител кој постапува во случајот на малата Тамара, Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на правецот во кој оваа постапка се движи.
„На вчерашната главна расправа по овој предмет, надлежната јавна обвинителка поднесе барање за изземање, притоа не наведувајќи кои се причините за таквото барање. Основното јавно обвинителство изјави дека предметното барање е поднесено поради постоење на законски пречки за понатамошно постапување на јавната обвинителка во предметот, поради нови околности кои настапиле во периодот од претходната до вчерашната главна расправа“, реагираа од Хелсиншкиот комитет.
Во февруари 2015 година Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик.
„Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот сè уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка. Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Оттогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Оттука додаваат дека по вчерашното повторно одложување на рочиштето, овој пат поради поднесено барање за изземање на јавната обвинителка, како и поради неговото целокупно развлекување, се јавува сомнеж за несовесно водење на постапката која досега требаше да биде завршена.
Тие го повикуваат Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно, напоменуваат дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бујар Османи најави механизми за ефикасност „Чаир 48“ и јавно табло

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска пред зградата на општината излезе со пакет механизми, меѓу кои јавно табло со неделен план и статус на задачи, проект „Чаир 48“ за одговор/решение на пријави во рок од 48 часа, вторник како „отворен ден“ без закажување, брза комунална екипа и јавен календар на средби и одлуки на општината.
„Оваа рамка директно го погодува коренот на проблемот кој со години ја следи општината: неефикасност, слаба координација меѓу службите и отсуство на видливи рокови. Граѓаните ретко знаат кој е задолжен за конкретен проблем, кога ќе биде решен и зошто доцни. Јавното табло, ако навистина се ажурира редовно и прецизно може да внесе најосновна, но пресудна промена: дневна видливост на работата“, велат од ДУИ.
Се додава дека воведувањето рок од 48 часа за „мали“ комунални интервенции (дупки, улично осветлување, отпад, небезбедни точки) е амбициозен зафат. Во пракса, ваков стандард бара дисциплина во прием и класификација на пријавите, доволно екипи на терен и резерви во буџетот за брзи поправки. Добро е да се разграничат активностите на општината меѓу „брзи“ или интервентни и „капитални“ работи и во таа насока ова е добра идеја.
„Отворен ден“ без закажување и јавен календар на активностите се чекори што веќе постојат во некои општини, но ретко функционираат доследно, велат од ДУИ.
Клучно ќе биде, дали градоначалничкиот кабинет навистина ќе биде достапен секој вторник, дали ќе има протокол за следење на случаите што ќе стигнат тој ден и дали ќе се објавуваат резимеи/исходи за јавноста. Во спротивно, и ова може да се претвори во уште еден симболичен гест, но Османи го ветува спротивното.
Во говорот, Османи најави и утрински брифинзи со службите секој работен ден во 07:30 часот, со јавно објавување на дневниот план.
Македонија
МВР: На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани

Министерството за внатрешни работи реагира со демант по објавите во дел од порталите и на социјалните мрежи дека наводно полицијата вчеране дозволила влез на граѓани во Кочани, кои сакале да учествуваат на протестот „Маршот на ангелите”. Напротив, велат од МВР, ниту еден граѓанин не беше спречен да влезе во Кочани.
„Со цел остварување на своите законски надлежности, меѓу кои и безбедно одвивање на протестот „Маршот на ангелите” на 15.08.2025 во Кочани, СВР Штип вршеше редовни контроли на сообраќајот (возила и возачи) на подрачјето на СВР Штип, вклучувајќи го и градот Кочани. Но, на ниту еден граѓанин на кој му беше извршена редовна сообраќајна контрола, не му беше скратено правото на слободно учество на протестот „Маршот на ангелите” и не е задржан повеќе од нормално потребното време за вршење на полициска контрола“, велат од МВР.
Апелираат да не се шират дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски добил 200 илјади евра од Еразмус+, наместо младите

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари од програмата Еразмус+, наменети за образовни проекти за младите, завршувале кај поединци блиски до СДСМ.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека преку Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, со која раководела Лидија Димова, биле доделени 200 илјади евра на проект на професорот Љубомир Фрчкоски.
„Димова и Зоран Заев со пари од Еразмус+ си ги плаќаа послушните и подобните кои требало да им завршат некоја работа или пак јавно да ги бранат. Покрај што со пари од агенцијата, преку Лазар Нанев, Заев си ја купуваше слободата исто така си ги плаќаше и неговите идеолози и јавни поддржувачи“ се наведува.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Еразмус+ бил користен за „плаќање судии, професори и експерти блиски до власта“ и дека тоа е уште еден пример за, како што велат, злоупотреба на институциите за партиски интереси.