Македонија
Министерот за здравство и Здружението за мултипла склероза потпишаа меморандум за соработка
Министерот за здравство, Венко Филипче, и претседателката на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, Ана Карајанова-Димитрушева, денеска потпишаа меморандум за соработка со цел обезбедување соодветна здравствена заштита на пациентите со мултипла склероза (МС).
Соработката е во насока на вложување напори за обезбедување дијагностика и достапност на третман, кои би ја спречиле прогресијата на болеста, а кои се во согласност со водичите и протоколите, како и директни заложби и придонес во областа на здравството кој би резултирал пациентите со МС непречено да се интегрираат во општествениот живот и да се остварат како рамноправни, образовани, работоспособни и семејни граѓани.
Министерот Филипче во своето обраќање потенцира дека Министерството за здравство посветено работи на унапредување на грижата за пациентите со мултипла склероза.
„Оваа година повеќекратно го зголемивме бројот на пациенти што се на третман со иновативната терапија Ocrelizumab, и тоа од 9 пациенти, кои минатата година беа на третман со оваа терапија, сега ја примаат вкупно 43 пациенти со оваа дијагноза. Особено е важно што со примањето на иновативните лекови може да се контролира прогресијата на болеста. Исто така, од оваа година Универзитетската клиника за неврологија добива поголем условен буџет од Фондот, наменет токму за лекови за мултипла склероза. Првпат во јавното здравство обезбедена е и посебна просторија, каде што овие пациенти со соодветен медицински надзор ја примаат инфузионата терапија. Нашите заложби за подобро здравје за сите пациенти продолжуваат и во иднина“, изјави министерот Филипче.
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, денеска, премиерно го прикажа првиот краткометражен филм за мултипла склероза со наслов „Роденденски подарок“, кој претставува прв успешно реализиран проект на Националното здружение за МС и Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во филмот вешто се отсликани реалноста и здравствените и социјалните предизвици со кои се соочуваат лицата со МС.
Министерот Филипче упати честитки за сработеното до Факултетот за драмски уметности во Скопје, како и до Националното здружение за мултипла склероза, кој е постојан партнер во грижата за оваа категорија пациенти. Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

