Свет
Пропадна планот на Џонсон за брегзитот

Британските законодавци го одобрија предлог-законот на премиерот Борис Џонсон за брегзитот, но одбија да биде усвоен во рок од три дена во долниот дом на Парламентот.
По гласањето, Џонсон изјави дека ќе ја стави на пауза легислативата за брегзитот и ќе се консултира со лидерите од Европската Унија. Тој претходно рече дека ако неговиот план пропадне, ќе излезе на нови избори.
Претходно, 329 пратеници гласаа „за“ предлог-законот за излез на Велика Британија од ЕУ да се испрати на понатамошно разгледување и за евентуални амандмани, а 299 беа „против“. Пратениците потоа со големо мнозинство го отфрлија обидот на владата законот да се усвои по брза постапка во рок од три дена.
Владата побара долниот дом на Парламентот да го одобри нацрт-законот до четврток, 24 октомври, а потоа да го испрати до горниот дом на Парламентот за да стане закон пред 31 октомври. Со тоа Велика Британија би можела да ја напушти ЕУ во закажаниот рок на 31 октомври. Сепак, 322 пратеници гласаа против краткиот рок, кој на долниот дом на Парламентот му даваше само три дена да расправа за нацрт-законот, а 308 беа „за“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина: Се надеваме на договор за Украина што е прифатлив за сите страни

Кина денес изјави дека се надева на договор за Украина „прифатлив за сите страни“, пред состанокот во Белата куќа меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери.
Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега би можел речиси веднаш да ја заврши војната со Русија, исклучувајќи ја можноста Киев да ја врати контролата врз полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и да се приклучи кон НАТО. Украинскиот претседател прво ќе одржи приватни разговори со Трамп, почнувајќи во 19 часот по средноевропско време, а потоа ќе им се придружат и европските лидери.
„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе учествуваат во мировните преговори навремено и што е можно поскоро ќе постигнат праведен, траен, обврзувачки и сеприфатлив мировен договор“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција.
Заедно со Зеленски, во Белата куќа се очекуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Самитот одржан пред три дена во Алјаска меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега Владимир Путин не доведе до прекин на огнот.
Кога беше прашана за средбата меѓу Трамп и Путин, портпаролката Мао Нинг денес потврди дека Кина ги поддржува сите напори насочени кон мирно решавање на кризата. „Кина е задоволна што Русија и САД одржуваат контакт, ги подобруваат своите односи и промовираат политичко решение за украинската криза“, нагласи таа.
Свет
Украина: Погодивме нафтовод во Русија

Украинската војска потврди дека погодила нафтовод во рускиот регион Тамбов, со што се прекина снабдувањето од нафтоводот Дружба.
Претходно денес, унгарското Министерство за надворешни работи ја обвини Украина за напад врз тој нафтовод и изјави дека протокот на руска нафта кон Унгарија е запрен поради тоа.
„Украина повторно го нападна нафтоводот што води до Унгарија, прекинувајќи го снабдувањето“, напиша унгарскиот министер за надворешни работи на платформата „Икс“.
„Овој последен напад врз нашата енергетска безбедност е срамен и неприфатлив!“
Украинскиот шеф на дипломатијата Андриј Сибиха одговори на таа објава, велејќи дека „Русија, а не Украина, ја започна оваа војна и одбива да ја заврши“.
Сибиха додаде дека Унгарија со години е предупредувана дека Москва не е сигурен партнер.
Свет
Трамп: Денес е голем ден во Белата куќа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на социјалните мрежи дека денес е „голем ден во Белата куќа“.
„Америка никогаш немала толку многу европски лидери тука истовремено“, напиша тој на својот профил на „Тру соушал“.
„Голема чест за Америка!!!! Ќе видиме какви ќе бидат резултатите???“
Во исто време, според извештајот на агенцијата Укринформ, Володимир Зеленски се среќава со американскиот претставник Кит Келог во Вашингтон пред неговите разговори со Трамп.