Македонија
Мицкоски: На лидерската предложив да формираме техничка влада од оваа недела, но Заев одби
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Прилеп изјави дека народот на 12-ти април ќе го извади црвениот картон и ќе стави крај на владата на Зоран Заев. Тој рече дека на лидерската средба предложил изборите да се одржат порано, меѓутоа Заев го одбил неговиот предлог.
„На средбата со државниот врв предложив од оваа недела да формираме техничка Влада и да продолжиме да ги броиме 100-те дена, а потоа ќе има избори, но Заев одби“, изјави Мицкоски од домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, каде се обрати по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Тој заклучи дека сегашната власт ги усовршила и махерски ги надминала кон полошо сите работи што ги плукала кај претходната власт.
„Заев паѓа зашто тргуваше со Македонија. Затоа што го даде она што на сите ни е свето, но за возрат не се доби ништо. Заев паѓа зошто смени име и идентитет без да го слушне народот“, рече Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека криминалот е голем и извира од врвот на власта, а за три години ниту еден криминалец не е зад решетки. Лидерот на опозицијата, во своето обраќање, обвини дека владата ги измамила земјоделците, и ги уништила здравството и образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професорите Мартиновски и Конески
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска ги прими проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и проф. д-р Атанас Конески, претставник на Културен и едукативен центар „Небрегово“, именуван по родното место на Конески.
Професорите ја информираа за преземените активности врзани за одбележувањето на 80 години од стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, како и 80 годишнината од основањето на Филолошкиот факултет во Скопје.
Обајцата ја аргументираа заложбата за измена на Законот за државни награди заради додавање на наградите „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“.
За нив, најдобро време за доделувањето на наградите е месец декември, кога објацата се родени: Конески на 19-ти, а Несими на 25-ти.
Со гордост истакнуваат дека двајцата биле професори на Филолошкиот факултет и она што е Конески за македонскиот јазик и македонистиката, е Несими за албанскиот јазик и албанологијата.
Сиљановска-Давкова е убедена дека пратениците ќе ја препознаат оваа благородна идеја и со големо мнозинство ќе го изгласаат Законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди.
За неа, Конески и Несими се духовни великани на македонскиот и на албанскиот јазик, чии имиња одамна требало да симболизираат врвни достигнувања во белетристиката.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.

