Македонија
(Видео) Шекеринска: Одработивме за членство во НАТО, овој успех не падна од небо
Седумдесет години по основањето на Алијансата, стануваме 30, најмлада членка на НАТО, но еднаква и рамноправна, рече на денешната прес-конференција заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
„25 земји членки ги завршија ратификациските процедури во нивните парламенти. Синоќа и Соединетите Американски Држави ратификуваа со убедливо мнозинство од 91 глас за, а само два против. Овој успех не падна од небо. Не го добивме како подарок. Го сработивме. Го издејствувавме“, посочи таа.
Во своето обраќање Шекеринска зборуваше, за како што рече, успесите кои како Влада ги постигнале во изминатите две и пол години.
„Должност на секоја влада е да ги остварува задачите околу кои општеството се обединува, кои се израз на неговата кохезија. Да се биде дел од НАТО чие мото е ‘Сите за еден – еден за сите’ е не само гаранција за безбедноста и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет туку е и порака кон светот дека ги разбираме и прифаќаме нашите одговорности во регионот и пошироко“, нагласи заменик претседателката на СДСМ, додавајќи дека тоа гарантира придобивки за економијата, граѓаните и државата.
Шекеринска нагласи дека во изминативе две и пол години земјава добила големо меѓународно внимание кое, како што кажа, не било можно претходно.
„Цели 10 години оваа земја немаше политичка визија, немаше политичко лидерство. Не можете да ја изолирате својата земја а да очекувате влез на инвеститори. Не можете да ја оддалечувате вашата земја од НАТО и ЕУ, а да очекувате пораст на странски инвестиции“, истакна таа нагласувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која 11 години била посветена на криминал, корупција, омраза и поделби, СДСМ како одговорна партија е посветена на развој, економски раст и интеграција.
„Ние не нудиме враќање во историјата, туку пат кон иднината, а единствениот пат што води натаму е правиот пат на одговорните политики“, порача Шекеринска и додаде дека заедно со граѓаните на 12 април, СДСМ ќе потврди дека има исправни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

