Македонија
ОМД ја поздрави ратификацијата на протоколот за членство во НАТО во американскиот Сенат

Обединетата македонска диајспора (ОМД) ја поздравува ратификацијата на НАТО-протоколите за македонско членство од страна на американскиот Сенат.
„Македонија требаше да стане полноправна членка на НАТО уште на самитот во Букурешт во 2008, но грчкото вето и грчките барања за промена на македонскиот идентитет и име се покажаа како непремостлива пречка. Иако Меѓународниот суд на правдата во 2011 донесе одлука дека Грција незаконски ја попречува интеграцијата на Македонија, грчката влада продолжи со барањата за промена на македонското име како предуслов за членство. Македонското раководство предводено од Зоран Заев , како замена за членство во НАТО, го потпиша неуставниот преспански договор, со што темелно ги загрози македонските национални интереси. ОМД го критикуваше целиот процес на потпишување на преспанскиот договор и останува силно спротивставена на овој незаконски акт“, се наведува во соопштението.
ОМД ги повикува Франција, Холандија и Шпанија да го следат примерот на САД и да го ратификуваат протоколот за членство на Македонија во НАТО. По ратификацијата во сите парламенти, велат од таму, Македонија конечно ќе го заврши овој историски процес и ќе може да стане 30-та полноправна членка и НАТО-сојузник.
Американскиот Сенат во вторникот гласаше во корист на ратификување на протоколот за пристап на Македонија во НАТО. Сенатот со убедливо мнозинство од 92 гласа „за“, 2 „против“ и 7 „воздржани“ даде поддршка за македонското членство во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица застана зад независниот Зоран Николовски во Битола

Партијата Левица денеска објави дека на престојните локални избори ќе застане зад независниот кандидат за градоначалник на Битола, архитектот Зоран Николовски.
„Чест ни е да ја најавиме широката и победничка платформа за Битола со која Левица ќе настапи на престојните локални избори. И официјално ја информираме јавноста дека Левица ќе го поддржи најдобриот избор за кандидат за градоначалник на Битола – архитектот Зоран Николовски, како докажан професионалец и човек кој може да се пофали со проектите во својот роден град“, стои во соопштението од партијата.
Од Левица потенцираат дека Битола, како бастион на нивната партија, заслужува силен кандидат кој ќе донесе свежи идеи и промени.
„Веруваме дека поддршката за кандидатот Зоран Николовски претставува авангардна комбинација која ќе донесе нови решенија и развој за Битола“, нагласуваат од таму.
Платформата, според Левица, ќе биде составена од интелектуалци и професионалци кои целото свое знаење ќе го стават во служба на градот.
„На овие избори настапуваме со јасна визија за нашата Битола, во која ги обединуваме прогресивните и компетентни потенцијали. Создаваме платформа на интелектуалци и професионалци кои ќе работат за една идеја – Битола. За една света идеја – Битола“, порачаа од Левица.
Македонија
Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд

Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.
На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.
АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Борова шума гори во Берово, депонии во Прилеп и во Долнени во пламен, чади и во Вардариште

Македонија денеска се соочува со сериозна слика на теренот – до 12 часот регистрирани се вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најсериозната состојба е во Берово, каде над туристичката населба Абланица огнот зафатил висококвалитетна борова шума. Силниот пламен и густата вегетација го отежнуваат гаснењето, а екипите се на терен и се борат за да го спречат огнот да се прошири кон населбата.
Во општина Долнени, депонијата во селото Дебреште е зафатена од пламен, што предизвикува дополнителни проблеми со густ чад и непријатен мирис кој се шири кон околните села. Слична е ситуацијата и во Прилеп, каде пожар избувна во фабриката „Изофас“, каде што огнот се проширил на ниска вегетација. Таму пожарникарите дејствуваат за да спречат ширење кон индустрискиот дел.
Во Скопје, на територија на општина Гази Баба, огнот зафати ѓубриште во Вардариште. Благодарение на брзата реакција, овој пожар е ставен под контрола и не претставува закана за пошироката околина.
Добра вест е што три пожари веќе се изгаснати. Во Гевгелија, кај селото Конско, пламенот кој зафатил ниска вегетација и дива депонија е локализиран. Исто така, изгаснат е и пожарот на депонијата во селото Банско кај Струмица, како и оној во Дебар, каде што огнот се проширил на плевна во близина на градските гробишта.
Од ЦУК апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се предупредуваат да бидат претпазливи и веднаш да пријават секое забележано жариште.