Македонија
Пендаровски: Протоколот за НАТО треба да го ратификуваат уште Франција, Холандија и Шпанија
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во Охрид, се сретна со дел од учесниците на конференцијата т.н. охридски дијалог.
На средбата со Џорџ Робертсон, претседавач со охридската група и поранешен генерален секретар на НАТО, претседателот Пендаровски му се заблагодари за досегашната поддршка што тој лично, но и охридската група како целина, безрезервно ја дава за Северна Македонија.
На маргините на охридскиот дијалог претседателот Пендаровски се сретна и со челните луѓе на Атлантскиот совет и високи претставници на НАТО, односно Александер Вершбоу, Дејмон Вилсон, Марк Лејти, Џорџ Базби и Алесандро Минуто – Ризо.
Пендаровски го искажа своето задоволство од брзата ратификација на пристапниот протокол за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО. Како што посочи претседателот Пендаровски, протоколот за членство на земјата во НАТО во своите парламенти преостанува да го ратификуваат уште три земји, односно Франција, Холандија и Шпанија.
На средбата Пендаровски го реафирмира ставот дека единствена алтернатива за Северна Македонија е членство во НАТО и во Европската Унија.
„Патот до алијансата веќе е на самиот финиш. Станувајќи 30-та членка на НАТО, ќе бидат загарантирани безбедноста и сигурноста на Северна Македонија“, истакна претседателот Пендаровски и додаде дека единствена алтернатива за земјата е полноправно членство во НАТО и Европската Унија“.
Во таа насока, како што рече Пендаровски, и покрај скорешното разочарување од недобивањето датум, Северна Македонија, пред сè, поради своите граѓани, неопходно е со побрзо темпо да ги заврши почнатите реформи. На тој начин, заклучи претседателот, ќе создадеме општество со европски вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

