Македонија
(Видео) Научните работници во 7 институти ќе добијат плата со ново покачување од 25%
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за култура, Хисни Исмаили и министерот за образование, Арбер Адеми денеска присуствуваа на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Сликата на другиот во балканската култура“ во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.
Во неговото обраќање премиерот Заев ја соопшти веста за новото покачување на плати за 25% за научните работници во сите 7 институти во нашата земја.
„Денеска од овој Институт соопштувате убава вест на Балканот преку сите научни трудови кои што ќе ги оставите овде, па ред е како јас, и министрите да почнеме со соопштување на убави вести. Ребалансот на буџетот помина и минатиот труд на научните работници од Институтите, вкупно 7 во државата е решена проблематика и нека ви е честито покачувањето од 5% проценти којашто беше од септември. Веќе со октомвриската плата го добивте и имате нова одлука на 25% покачување на плата, затоа што навистина приходите за научните работници и професорите коишто работат во сите наши институти беа понижувачки. Владата смогна сили и донесе одлука со што сакаме да ве мотивираме да продолжите да работите, да креирате, да оставите трајни добра на генерациите што доаѓаат после нас и навистина оваа тема денеска само тоа го кажува дека навистина преку овие трудови денеска овде и утре на оваа конференција што ќе се работат, ќе остават едно трајно добро за Балканот, онаков Балкан каков што сите го посакуваме, различен Балкан но убав Балкан, богат со разбирање меѓу сите“, истакна премиерот Заев.
Министерот за образование, Арбер Адеми изрази задоволство од заложбите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје за континуирано организирање на големи и значајни манифестации од меѓународен научен карактер, со кои ја покажува својата зрелост, посветеност и сериозен придонес кон развојот на научната мисла не само во земјата, туку и во пошироки размер.
„Владата му дава максимална поддршка во работата на институтот и таа поддршка ќе продолжи и ќе се интензивира во периодот што следи. Во една неодамнешна прилика реков, а сега само ќе повторам дека 2019 година е година на ренесанса на институтот, затоа што тој е основан со само 5 оддели, а сега само во една година отвори уште пет нови, за што обезбеден е и речиси тројно поголем буџет од буџетите кои му биле на располагање во изминатите години, како мотив да продолжите да работите во интерес на науката, во интерес на развојот на научната мисла, творењето и откривањето и утврдувањето факти, во интерес на создавањето нови генерации научници, како и во интерес на сплотувањето на научниците од регионот и пошироко“, рече министерот за образование Адеми.
Министерот за култура, Хисни Исмаили рече дека Балканот навистина може да биде зона на оган денес, но може да биде и зона на страста на љубовта и на искрената омраза.
„Само на Балканот љубовта и омразата се страсни, би рекол проф. Мухиќ во својата Апологија за Балканот. Затоа, мајсторството на луѓето од Балкан е како да ја претворат оваа искреност за другиот во љубов и како да се направи Балканот жариште каде се раѓаат остроумните на континентот што и името го има добиено од Балканот“, подвлече министерот за култура Исмаили.
На дводневната меѓународна конференција „Сликата на другиот во балканската култура“ во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, се промовираше за прв пат научниот зборник „Балканологија I“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ пак дели тендери, фирмата на Нефи Усеини дел од колачот вреден 3 милиони евра, велат од СДСМ
Мицкоски и ДПМНЕ сите тендери ги собраа за себе, па почна да ги раздаваат. Фирмата на контроверзниот Нефи Усеини од Охрид, кадар на ДУИ, добила дел од тендерот вреден 3 милиони евра од Македонија пат, за зимско одржување патишта, истакнуваат од СДСМ.
„Додека секој ден зборуваат за ДУИ пред граѓаните зад грбот им делат тендери.
Никој не може да добие тендер без одобрение на Мицкоски и ДПМНЕ.
Владата на Мицкоски нема пари за земјоделците, нема за сточарите, им ги нема исплатено ниту субвенциите. Но затоа за криминални тендери мора да има пари“.
Дури и парите од ИПАРД 3 програмата, како што додаваат од опозициската партија, посегнаа да ги крадат, по што ЕУ ја суспендираше програмата вредна 130 милиони евра поради корупција.
Прашуваат, дали земјоделците имаат разбирање за ваквото однесување на ДПМНЕ.
Македонија
Утре променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини
Утре променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините врнежите ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 , а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови во среда и четврток ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 25 л/м2 за 24 часа). На планините врнежите ќе бидат од снег при што ќе се формира снежна покривка од 5 до 10 см. Поради спуштање на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Од петок ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Гаши-Спиропали: Албанија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во европските процеси се до конечно надминување на сите потешкотии
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Гаши констатираше дека двете држави градат одлични билтерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес. Тој истакна дека се радува на прогресот што Албанија го има при процесот на приближување кон Европската унија и отворање на сите преговарачки кластери согласно новата методологија на ЕУ.
Спиропали истакна дека иако Албанија веќе преговара за членство во Европската Унија, смета дека и останатите држави од Западниот Балкан треба да ја следат и процесот на проширивање треба да продолжи затоа што носи голема трансформација во сите општества на земјите во регионот. Албанија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во европските процеси се до конечно надминување на сите потешкотии што се појавуваат на европскиот пат.
Двајцата соговорници се согласија дека зачленувањето во Европската унија носи големи придобивки за граѓаните на земјите од Западниот Балкан затоа што процесот е реформски и потребно е да се имплементираат домашни задачи, како што е борбата против корупцијата и реформи во правосудните системи.

