Свет
Трамп: Водачот на Исламска држава умре како кукавица

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска изјави дека лидерот на т.н. Исламска држава, Абу Бакр ел-Багдади, е мртов.
Тој ова го кажа на посебно свикaна прес-конференција, истакнувајќи дека операцијата ја извршиле САД со поддршка од Русија и Турција. Нагласи дека долго го барале ел-Багдади и дека неговата ликвидација била еден од најголемите приоритети, јави Си-ен-ен.
„Тој беше болен, злобен и насилен. И сега го нема. Умре како кукавица“, рече Трамп за водачот на ИД и им се заблагодари на Русија и Труција за соработката во, како што кажа, опасната операција.
„Тој дојде до крајот на тунелот, нашите кучиња го доведоа таму. Во смрт ги однесе и неговите три деца. Плачеше до крај. Активираше елек со експлозив и телото му е осакатено, а по експлозијата на него се урна тунелот“, сликовито опиша американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Европската комисија планира итни мерки: Птичјиот грип се шири

Европската комисија планира следната недела да донесе итни мерки за да се запре ширењето на птичјиот грип во два региони во Полска, соопшти ЕК.
„Со оглед на големиот обем на епидемиите (во тие два региона), неопходно е да се донесат дополнителни итни мерки кои ќе се применат во тие области со висок ризик, зајакнувајќи ги мерките за превенција и контрола“, рече портпаролот на ЕК во соопштение.
Според него, ЕК треба да ги донесе мерките следната недела. Преземањето на овие превентивни чекори е насочено кон заштита на полската живинарска индустрија, рече портпаролот на ЕК.
Тој не прецизираше што ќе вклучуваат вонредните мерки, но рече дека тие биле разговарани со националните и регионалните власти, кои се согласиле со нив.
Свет
Цената на златото урива рекорди

Цената на златото денеска за првпат на светските пазари надминаа 3.200 долари, додека инвеститорите бараат безбедно засолниште за својот капитал во услови на слабеење на доларот и стравувањата дека трговската војна меѓу САД и Кина може да ја загрози светската економија.
На физичкиот пазар унца злато попладне чинеше 3.223,36 долари и поскапе за 1,56 отсто од вчерашното затворање. Ова е највисока цена откако златото се тргува на берзата. Од почетокот на неделата поскапе за околу шест отсто.
На американскиот пазар златото се тргуваше по цена повисока за 2,14 отсто, по речиси 3.228 долари.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера ги зголеми тарифите за кинески стоки на дури 145 отсто, а Пекинг возврати со зголемување на царините за увоз од САД на 125 отсто.
„Постои зголемен ризик од рецесија, приносите на обврзниците растат, а американскиот долар слабее. Сето тоа се фактори кои го поддржуваат златото во улога на еден вид заштита од криза и инфлација“, изјави трговецот со благородни метали во германската филијала на Хереус Металс, Александар Зумфе.
Инвеститорите традиционално купуваат злато за да ги заштитат вредностите на средствата во периоди на зголемена економска и политичка нестабилност и да се спротивстават на падот на каматните стапки. Клиенти се и централните банки кои сакаат да го зајакнат билансот на состојба и да ги обезбедат залихите.
Во вакви услови златото лани поскапе за повеќе од 28 отсто, покажуваат пресметките на здружението на рударски компании WGC. Од почетокот на годината неговата цена е зголемена за речиси 21 отсто.
Послабиот долар, исто така, ја зголемува побарувачката за злато бидејќи ја зајакнува куповната моќ на инвеститорите со други валути, забележува „Ројтерс“.
Свет
Трамп: Маск не е неопходен во Белата куќа, едноставно ми се допаѓа

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека американскиот милијардер Илон Маск, кој раководи со американското Министерство за владина ефикасност (DOGE), не е неопходен во неговата администрација, „туку едноставно му се допаѓа“.
„Илон заврши фантастична работа… Не ми треба за ништо друго освен што случајно ми се допаѓа. Овој човек, ова момче заврши фантастична работа“, рече Трамп во разговор со новинарите и членовите на кабинетот во Белата куќа, пренесува Business Insider.
Маск, кој доби широк пристап до владините операции и податоци преку неговата улога во борбата против злоупотребите и измамите во американската администрација, е помалку присутен во јавноста од минатонеделната трка за Врховниот суд во Висконсин, која ја загубија републиканците.
Според извештаите на медиумите, ова покренало прашања за неговото идно учество во администрацијата, особено што поретко го гледале во Белата куќа.
Некои американски медиуми го обвинија Трамп за злоупотреба на својата моќ, вклучително и претворање на Белата куќа во изложбен салон за „Тесла“, чиј извршен директор е Маск, откако минатиот месец американскиот претседател најави дека ќе го купи електричниот автомобил на производителот.
Трамп негираше дека добил посебни услови за ова купување и дека тоа го направил „за поддршка на Маск“.
„Не ми треба неговиот автомобил. Јас всушност го купив затоа што ми рекоа: „О, дали го купивте евтино? Реков „не, дај ми ја највисоката цена“. Платив многу пари за тој автомобил. Но, искрено, тој прави одлични автомобили… Јас го направив тоа во знак на поддршка“, рече Трамп.
Тој, исто така, рече дека Маск „не бил третиран како што треба“, алудирајќи на протестите насочени кон милијардерот и насилните напади врз салоните на „Тесла“.