Свет
„Боинг“ обвинет за конструирање „летечки ковчези“
Најголемиот светски производител на авиони „Боинг“ е обвинет од страна на членовите на американскиот Сенат за ставање на профитот пред безбедноста и за вмешаност во шема на намерно прикривање, пренесува РТ.
Извршниот директор на компанијата, Денис Муиленбург, сведочеше пред Комитетот за трговија во Сенатот за неуспехот на производителот на авиони и на регулаторите во САД да ги идентификуваат и корегираат недостатоците во дизајнот на авионот „MA37 MAX“, што доведе до две несреќи во кои загинаа 346 лица.
Тоа беше првото јавно сведочење на Муиленбург по трагичните настани што се случија на првата годишнина од несреќата на летот Lion Air 610 во Индонезија, во која загинаа 189 луѓе. Во март, по уривањето на авионот на „Етиопијан ерлајнс“ – „737 MAX“, при што загинаа 157 лица, „737 MAX“ беше приземјен во целиот свет. Муиленбург тогаш вети дека ваквите несреќи нема да се повторат. Тој призна дека фирмата направила грешки.
„Научивме од двете несреќи и ги идентификувавме промените што треба да се направат“, рече извршниот директор, кој беше принуден да се повлече од функцијата претседател на „Боинг“ на почетокот од овој месец.
Компанијата се соочи со зголемени критики за дизајнот и за процесот на сертифицирање на авионот. Федералната управа за авијација (ФАА) исто така беше критикувана поради лошиот надзор кај производителот на авиони.
„И двете несреќи можеа целосно да се избегнат“, рече сенаторот од Мисисипи, Роџер Викер.
Автоматизираниот систем за контрола во „737 MAX 8“, познат како MCAS, е идентификуван како фактор во двете несреќи. Пред сведочењето „Боинг“ им испратил пораки на пилотите, што сугерира дека пилотите на тестот знаеле за дефектите во системот, но не ги предупредиле регулаторите.
Муиленбург тврди дека не бил целосно брифиран за деталите од пораките до пред неколку недели и покрај тоа што компанијата знаела за нив пред несреќата на „Етиопија ерлајнс“.
Сенаторот на демократите од Конектикат, Ричард Блументал, остро го обвини „Боинг“ за вмешаност во шема на намерно прикривање. Тој ги обвини Муиленберг и компанијата за производство на „летечки ковчези“ поради одлуката на „Боинг“ да одлучи да го скрие MCAS од пилотите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Остар пад на цената на златото
Цените на златото и среброто денес забележаа остар пад, по период на силен раст што ги донесе скапоцените метали на рекордни нивоа. Златото падна под 5.300 долари за унца, додека среброто потона од рекорднаta вредност од над 80 долари. Ова е сигнал дека порастот на цените влегол во она што аналитичарите го предупредуваат како „опасна фаза“.
Пресвртот на пазарот ги натера инвеститорите да бидат претпазливи по месеци раст поттикнат од побарувачката од Кина, купувањата од централните банки и геополитичките тензии, пишува Yahoo Finance.
Аналитичарите велат дека корекцијата била очекувана со оглед на брзината и силата на претходниот раст.
„Има сè помалку простор за понатамошен раст на цените на златото и среброто по неодамнешните рекорди“, рече Карстен Фрич, аналитичар во Комерцбанк. „Јасно е дека инвеститорите сè повеќе профитираат, а целиот раст е на стаклени нозе“, додаде тој.
Рајан Мекеј, виш стратег за стоки во TD Securities, се согласува, велејќи дека растот на цените е „одвоен од фундаменталните фактори“. Според неговите зборови, „корекцијата е одамна задоцнета“. Мекеј, исто така, забележува дека физичката побарувачка од Кина и Индија, клучни двигатели на растот, сега „слабее“ поради исклучително високите цени.
Свет
Трамп: Му реков на Путин да престане да ги напаѓа Киев и другите градови, тој се согласи
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговиот руски колега, Владимир Путин, се согласил со неговото барање да не ги напаѓа Киев и другите украински градови и места една недела.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги напаѓа Киев и другите градови и места една недела“, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури.
„И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво.“
Претседателот на САД не разјасни кога или на кој начин му го упатил ова барање на Путин, ниту на кој датум треба да стапи на сила наводното примирје. Коментарите на Трамп, исто така, следеа по шпекулациите дека Киев и Москва се согласиле на пауза во нападите врз енергетската инфраструктура на другата страна, иако ниту една страна не ги потврди тврдењата ниту ја коментираше изјавата на Трамп.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека московските сили лансирале повеќе од 100 дронови во Украина преку ноќ, при што биле регистрирани 18 погодоци во различни области.
фото/Depositphotos
Свет
Мерц: Почнуваме да разговараме за европски нуклеарен чадор со сојузниците
Европските земји почнуваат да разговараат за идејата за заеднички нуклеарен чадор што би ги надополнил постојните безбедносни договори со Соединетите Американски Држави, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, во услови на зголемени дискусии во Германија за развој на сопствена нуклеарна одбрана.
Зборувајќи во време кога американскиот претседател Трамп ги доведува во прашање традиционалните сојузи, Мерц рече дека разговорите се само во почетна фаза и дека сè уште нема одлука на повидок.
„Знаеме дека треба да донесеме голем број стратешки и воено-политички одлуки, но сега не е време“, им рече тој на новинарите.
На Германија ѝ е забрането да развива сопствено нуклеарно оружје според таканаречениот договор „Четири плус два“, кој го отвори патот за повторно обединување на земјата во 1990 година и според Договорот за неширење на нуклеарно оружје што Германија го потпиша во 1969 година.
Мерц рече дека договорните обврски на Германија не ја спречуваат да разговара за заеднички решенија со партнери, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција, единствените европски сили со нуклеарни арсенали.
„Овие дискусии се во тек. Тие исто така не се во спротивност со заедничкото нуклеарно одвраќање со Соединетите Американски Држави“, рече тој.

