Македонија
Пендаровски: Треба да бидеме упорни во нашата заложба за почиста животна средина
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, денеска прими ученици од осум средни училишта од разни градови во Северна Македонија.
Кампањата, која во организација на Институтот за комуникациски студии започна во март, се фокусира на постоечките ризици и последици од климатските промени во државата.
На средбата со учениците, претседателот Пендаровски ја истакна потребата секој од нас да посвети повеќе внимание во одржувањето на здравата животна средина, бидејќи правото на живеење во здрава животна средина е право на секој од нас. Претседателот истакна дека токму овој период од годината е круцијален за одржувањето на животната средина, бидејќи аерозагадувањето е многу повисоко и веќе ја надминува границата на дозволената јаглеродна емисија.
„Затоа очекувам здружени акции на релевантните институции, но и подадена рака од нашите граѓани кои освен што ќе преземат конкретни еколошки акции, ќе бидат и во улога на еколошка патрола или еколошки патроли и набљудувачи на загадувачите. Сите ние преку самокритичност и навремена и брза реакција треба да бидеме упорни во нашата заложба да имаме почиста и поздрава животна средина“, рече претседателот Пендаровски.
„Не игнорирај, реагирај!“ е платформа која обединува експерти од различни области, граѓански активисти, екологисти, креатори на јавно мислење, невладини организации и граѓански иницијативи, медиуми и поединци со цел да се изложат проблемите со кои се соочуваме како заедница; да се насочат прашањата кон соодветните институции; и да се провоцираат решенија за подобра животна средина и квалитет на живеење.
Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ се фокусира на три клучни теми: одржливи градови, почиста околина и климатски промени.
Кампањата спроведува повеќе активности во соработка со факултети, средни училишта, граѓански иницијативи и еколошки организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

