Македонија
Дебата за иднината на новинарството во дигиталната ера вечерва ќе ја отвори третиот Истражувачки филмски фестивал – Скопје
Филмови, дебати, работилници, посветени на медиумите и новинарството во дигиталната ера, ќе може да проследи публиката на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, кој ќе почне вечерва во 19 часот во киното „Култура“.
Трите фестивалски дена ќе бидат исполнети со богата програма, повеќе од 30 странски и домашни гости, врвни истражувачки новинари, кои ќе ги споделат своите искуства и ќе дебатираат како новинарството може да преживее и напредува рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што би можеле медиумите да ѝ понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони и кои алатки и платформи може да се исползуваат за сеопфатно пласирање на новинарските приказни.
Мотото на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје е со наслов „Кон дигиталното“ и од разни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите и новинарите во дигиталната ера.
„Годинава фестивалот ги разгледува негативните и позитивните влијанија на новите дигитални трендови и социјалните мрежи врз новинарството и медиумите. Првпат ова издание ќе има и интерактивна програма во која посетителите во текот на целиот фестивал ќе може да гледаат интересни содржини за користење дел од најиновативните алатки во медиумите и новинарската работа“, изјави Кристина Озимец, претседателка на ПИНА и главен координатор на фестивалот.
Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје ќе биде отворен со дебатата: „Новинарството и медиумите во дигиталната ера и социјалните мрежи, каде одиме?“, која, по воведниот дел, ќе почне во 19.15 часот.
Новинарката Ана Зафирова на панел-дискусијата посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми ќе разговара со гостинките Марија Фернанда Лаурет од „Ал џезира“ – „Контраст“ и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачката интелигенција, која работела во престижни британски медиуми, како „Гардијан“, „Скај њуз“, Би-би-си и „Ченл 4“.
Потоа, во 20.30 часот ќе биде прикажан филмот „Големиот упад“, документарен филм за скандалот со „Кембриџ аналитика“ и злоупотребата на личните податоци на фејсбук-корисниците.
Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, првпат на Фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност во новинарството преку работата за правата на бегалците на тимот на „Контраст“. Овој дел од програмата на Фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје.
Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand-платформите, за користење блокчејн-технологија во онлајн-медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција.
Богатата фестивалска програма не ги заобиколува ниту актуелните домашни теми, па на ИФФС ќе ги чуеме ставовите и стравовите на искусни новинари поврзани со предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести.
Фестивалот повторно нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи „Инстаграм“ за пласирање на горливите прашања што ја засегаат помладата публика. Организаторот на ИФФС, Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, неодамна почна две нови програми – Програма за жени новинарки, како и Програма за мобилно новинарство, со кои ќе се запознаеме преку разговори за можностите за развој на мобилното новинарство во земјата, како и за предизвиците на жените новинари.
На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата, на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле.
Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет „Времето на децентрализиран интернет доаѓа“, за модерирање на содржините што се шират на социјалните медиуми – „Чистачите“, онлајн-закани кон новинарки – „Мрачно место“. Ќе имаме филм за ширењето на десничарска пропаганда во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe), а ќе биде прикажан и филмот „Белингкет“ – вистината во светот на поствистината“.
Годинава, ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“, заснована на вистински случувања. Филмот во кој Кира Најтли ја игра Кетрин Ган, која, споделувајќи тајни документи, се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, која го организира ИФФС заедно со партнерот ФЕС – Скопје, е организација од новинари, ентузијасти и професионалци, која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија.
Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

