Македонија
Министерство за животна средина ги демантира информациите за согорувањето на опасен отпад

Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина во врска со информациите за увоз, складирање и согорување на опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитот на воздухот, што во изминативе денови интензивно се објавуваат од одредени медиуми, ја информира јавноста дека станува збор за шпекулации и невистини.
Нивниот демант го објавуваме во целост.
„Од таа причина важно е граѓаните да знаат дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 година каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање. Дополнително, Законот се базира на меѓународните прописи кои се однесуваат на пратките на отпад (вклучително и барањата на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасниот отпад чиј што потписник е и Р.С. Македонија).
Оттука, уште еднаш им нагласуваме на граѓаните дека, согласно постоечката законска регулатива во РСМ, е забранет увоз на отпад заради депонирање или складирање. Дозволен е увоз на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола издадена од МЖСПП. Отпадот кој се увазува во РСМ е главно отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори (видови на отпад за кои постојат преработувачки капацитет во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи).
МЖСПП најодговорно тврди дека не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање.
Исто така, нагласуваме дека ниту една италијанската компанија, ниту било која друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад. Имено, сите нестандардни депонии во Република Северна Македонија, кои се користат за отстранување на комуналниот и други видови неопасен отпад се оперираат од страна на општините, преку јавните комунални претпријатија. При тоа, МЖСПП одговорно тврди дека нема издадено концесија за ниту една нестандардна депонија во РСМ, а шпекулациите дека 20 депонии се издадени под концесија се комплетно невистинити.
Исто така, на нив досега не е евидентирано горење на отпад, освен случаи со опожарување на самите депонии.
Во однос на санитарната депонија Дрисла, во правниот субјект се вршени редовни, вонредни и контролни надзори од формирањето на Инспекторатот во 1996 година до денешен ден и во текот на повеќе трансформации на правниот субјект. Изречени се и повеќе санкции за различни законски повреди за опожарување, истекување на депониски исцедок во река, од кои последната се однесуваше за надминување на граничните вредности на емисии при согорување во печката и тоа за еколошкиот параметар јаглероден моноксид (CO), а не за партикуларни честички (PM). Сосема е друга темата за ружата на ветрови и влијанието на овој правен субјект врз квалитетот на воздухот во Скопје со оглед дека истиот локациски е 14 км југоисточно од главниот град, а треба да се елаборира релацијата на метео- условите во скопската котлина и надвор од неа. Од страна на Државниот Инспекторат за животна средина со решение правниот субјект беше задолжен за поставување нов филтер, што беше и сторено со поставување на новиот филтер-воден скрубер.
Правниот субјект нема ниту услови, ниту дозвола за согорување на радиоактивен отпад, која пак област е во делокруг на надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност. Правниот субјект Дрисла реализираше и индикативни мерења на ниво на доза на радијација на самата локација, како и мерења на неколку еколошки параметри во амбиенталниот воздух со Факултетот ФИНКИ.
МЖСПП води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РМ и истиот е
достапен на www.moepp.gov.mk МЖСПП / Документи / Регистри“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.
Македонија
Фетаи: Нов бран на популизам и лажен национализам од ДУИ

Денес се соочуваме со нов бран на популизам и лажен национализам од ДУИ, партија која 22 години ветуваше еднаквост и напредок, но донесе само корупција, угнетување и стагнација, обвини Арбен Фетаи од ВЛЕН.
Нивната нова реторика, додава Фетаи, предводена од Али Ахмети и Бујар Османи, е очаен обид да се одвлечат вниманието на гласачите од нивните неуспеси и да се манипулираат граѓаните со страв и поделба.
„Кога Али Ахмети вели „ќе се случи, народот“, тој оживува опасна, озлогласена фраза, првпат употребена од Слободан Милошевиќ во 1988 година за поттикнување омраза и конфликт во поранешна Југославија. Ова не е само реторика. Ова е опасен повик што го загрозува мирот и единството што, заедно со меѓународните партнери, макотрпно ги изградивме во Северна Македонија. Кога Бујар Османи, постојаниот министер на ДУИ, ни зборува за „референдум“, тој има за цел да го дефокусира вниманието на јавноста од неговото корумпирано минато за кое никогаш не дал отчет“, вели Фетаи.
Тој додава дека ДУИ, која некогаш се прогласила за „зелена“ или „мултиетничка“ партија со огранок во Делчево на границата со Бугарија каде што нема Албанци, сега се свртува кон измамнички популизам, кон лажен национализам, како што вели, прогласувајќи кризи што самата ги создаде за време на нејзините две децении на власт.
„Проблемот со Али Ахмети како кум на Отворениот Балкан и Бујар Османи, кој до вчера се однесуваше како да е министер за надворешни работи на Шведска, најдобро го објаснува Арбен Џафери. Арбен рече дека „Главниот проблем не е политичка личност која се обидува да ја препише историјата според денешните потреби, туку политиката што означува продолжување на концептите и атавизмите што претходно ја распуштија Југославија““, вели Фетаи.
Според него, ДУИ имала секоја можност 22 години да го спроведе Охридскиот договор, целосно да го официјализира албанскиот јазик и да изгради вистинска рамноправност.
„Но што направија тие? Тие го претворија Охридскиот договор од чин на мир во алатка за клиентелизам и вазалство. Ја направија државата продолжение на интересите на елитата поврзана со организираниот криминал, додека Албанците останаа маргинализирани, осиромашени и безнадежни. Зошто ДУИ сега зборува за „презир“ или „деградација“ на Албанците, кога самата ги исклучуваше и ги тргаше настрана од можностите за време на своето владеење? Зошто ги „открија“ недоследностите на Охридскиот договор, кои ги оставаа нерешени со децении, дури сега кога се во опозиција? Одговорот е јасен: тие сакаат да избегнат одговорност за нивната корупција и стагнација што ја предизвикаа. Истите луѓе што денес зборуваат за „вазалство“ беа робови на Никола Груевски и Сашо Мијалковиќ. Две децении, тие ги правеа Албанците вазали на клиентелистички систем, каде што работата и меритократијата беа заменети со партија и врски“, рече Фетаи.
Македонија
Јавна дискусија за ДУП во Ѓорче Петров, граѓаните може да се вклучат

Град Скопје во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира Јавна дискусија со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Јавната дискусија за четвртите лоцирани во Општина Ѓорче Петров ќе се одржи на 15 август со почеток во 9 часот во салата на Град Скопје барака 13 и тоа за Градска четврт СЗ 20 (од 9 до 10 часот), C3 21 (од 10 до 11 часот), C3 24 (од 11 до 12 часот) и C3 25 (од 12 до 13 часот).
„Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје барака 16 или електронски на адресата [email protected]“, се наведува во соопштението.
Град Скопје ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.