Регион
Додик: Република Српска сака независност како и Косово

Српскиот член во Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека Република Српска ги има истите амбиции за независност како и Косово и дека целосно го поддржува официјален Белград, кој инсистира на создавање заедница на српски општини.
„Оние коишто ја туркаат приказната за независност на Косово мора да сметаат дека Република Српска го сака истото тоа, без оглед на тоа што други очекуваат дека тоа не е така“, рече Додик на прашањето да ја искоментира изјавата на поранешниот косовски министер за надворешни работи Беџет Пацоли, кој на српскиот претседател Александар Вучиќ му пораќа дека има само една можност да ја признае независноста на Косово, затоа што тоа е реалност.
Додик додаде дека Република Српска и локалните Срби ја поддржуваат Србија и нејзините власти во однос на Косово. Додик објасни дека секое решение на Косово мора да ја вклучи заедницата на српските општини.
Според него, Босна и Херцеговина нема да го признае Косово поради позицијата на Република Српска. „Се разбира, БиХ не го призна Косово, ниту, пак, има намера да го признае, бидејќи Република Српска не сака двојни стандарди тука“, рече Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.