Македонија
Ѓуровски: Немозможна е европеизацијата без вложувања во едукација
Немозможна е европеизацијата без вложувања во едукација, особено во делот на конкретно зајаканување на кадровските и истражувачки капацитети, доколку сакаме да ги следиме потребите на пазарот и високите европските стандарди. Ова го изјави проректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) на прес-конференција.
Пред новинарите денеска беа презентирани приоритетите во работењето за претстојната академска 2019/2020 година во делот на наставно-образованата, научно-истражувачката дејност, активност за обезбедување квалитет, развој, интернационализација, соработка на Универзитетот со бизнис-заедницата, особено посветувајќи се на односот со студентите и нивното место во студирањето и понатамошниот академски развој и профилирање, како и академската мобилност низ програмите на ЕУ, САД и др.
Проректорот за студентски работи и институционален Еразмус + координатор професорот Марјан Ѓуровски нагласи дека приоритет на УКЛО е студентите да бидат во фокусот на образовниот процес при спроведување на наставата, ускладување на програмите со европските практики и искуства, потребите на пазарот, развојот на општеството и пред сè личниот развој на студентот како поединец.
Заедно со студентите, спомена Ѓуровски, сакаме да потикнеме различни форми на берза на идеи кои ќе наидат на поддршка од корпоративната заедница и преку тој трилатерален однос дојдеме до нови иновативни методи во наставата. За тоа , според Ѓуровски, предуслов е добивање на поголема поддршка од државата за студентите и за професорите со зголемување на компетенциите во секој од учесниците во универзитетската заедница.
„Се залагаме за воспоставување синергија меѓу студентите-професорите-бизнис заедницата и државните институции, воедно ќе вложиме напори за поголемо вклучување на студентите во истражувачки работи на Факултетите и потикнување и модернизација на процесот на пракса преку законски измени, а потоа конретни мерки на стекнување практични знаења. Само преку успешен спој на теоријата со праксата ќе изградиме студент кој може да одговори на потребите на пазарот, но и тој самиот да се најде овде дома, наместо пред или по студирање да ја напушти земјата“, изјави проректорот Ѓуровски.
Според него, приоритет е зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар надвор од државата, поголема присустност на странски студент на нашите факултети и размена на искуства и знаења на тој начин.
Отворањето на прозорецот за информации, стипендии за студиите во ЕУ и САД каде ќе може да поминуваат најмалку еден семестар во следење на настава, полагање или практична работа ќе им биде понудено на заинтересираните студенти на Универзитетот „Св.Климент Охридски“.
„Континуираното осигурување на квалитетот и интердисциплинарниот пристап во студиските програми ќе доведе до поголема претпознатливост на Универзитетот на европските образовни простори, нострификација на дипломите во дел од европските земји како СР Германија. Ќе направиме сè да се зголеми достапноста до поголеми бази на податоци за студентите и професорите во студирањето и усовршувањетo“, нагласи професорот Ѓуровски.
Тој спомена дека особено значаен ќе биде гласот на студентот во одлучувањето во органите и телата на УКЛО и факултетите, преку Студентското собрание и Студентски правобранител. На крајот одговарајќи на новинарско прашање, проректорот на Универзитетит „Св.Климент Охридски„ Марјан Ѓуровски, заклучи дека „процесот на европеизација на опшеството не може целосно да се реализира без да бидеме успешни и да вложуваме во концептот на едукација.
На средбата со новинарите говореа и ректорот проф. д-р Сашо Коруновски и проректорите проф. д-р Гордана Трајкоска, проф. д-р Љупче Кочоски и проф. д-р Игор Неделковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.

