Македонија
(Видео) Заев: СДСМ поддржува една избoрна единица
СДСМ поддржува една избoрна единица и промена на изборниот модел, рече премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на јавната расправа за воведување една изборна единица, која се одржа во Собранието. Според него, дојдено е време за разбивање на бипартизмот во македонскиот и албанскиот политички блок.
„Државата е подготвена, подготвена е и ДИК и нема законски, ниту правни пречки ако Собранието, пратениците донесат одлука за промени на изборните модели што значат демократизација. Државата ни е мултиетничка и мултиетничноста е распоредена насекаде во државата. Затоа, мислам дека е дојдено време за разбивање на бипартизмот во македонскиот и албанскиот политички блок. Јас сум за концептот едно општество за сите и мислам дека времето е зрело за да направиме одреден исчекор“, исткана претседателот Заев.
Осврнувајќи се на постојниот изборен модел, Заев укажа на постоењето ризик од појавување автократизам во општеството.
„Анализите што ги правеше СДСМ во изминатите изборни циклуси од 2002 до денес со пропорционален изборен модел покажуваат дека севкупно се губат десетина пратенички места, кои секако многу значат за соодносот на пратеничките групи затоа што тие би отишле на контото на првите три најмногубројни парламентарни партии. Мнозинството во СДСМ е за една изборна единица и иако имавме противници на овој модел вантре во партијата, покажавме голема демократска зрелост и се надевам дека другите политички партии ќе го следат нашиот пример“, посочи Заев.
Според него, со воведувањето една изборна единица добива демократијата, добива државата. Со една изборна единица, рече тој, ќе се намали клиентелизмот на секое поле, значително ќе се намали партизацијата на државата, вклучително и на јавната администрација.
Заев го повика Собранието да продолжи со сериозно разгледување на оваа иницијатива бидејќи, како што рече, сè уште има време и предвремените избори да се одржат со нов изборен модел.
Тој вели дека со отворени листи може да се почне на следните локални избори.
„Ние сме за една изборна единица и ако може да се вгради во Изборниот законик отворени листи за локални избори уште сега, па таму првпат да одиме и со отворени листи, тоа веќе многу сериозно ќе ја постави државата. Мислам дека не сме подготвени и една изборна единица и отворени листи на парламентарните избори затоа што прекомплицирано е и една изборна единица и отворени листи, затоа да го направиме првиот чекор со една изборна единица. Со отворените листи да почнеме на локално ниво со советничките листи. Сето тоа ќе биде сериозен исчекор“, рече Заев.
Тој истакна дека СДСМ останува на ставот за сооднос 50-50 кога станува збор за застапеноста на жените на изборните листи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

