Македонија
Рашковски: Договорот за хеликоптерска прва помош и спасување нема да ја чини државата ни денар

Генералниот секретар во владата, Драги Рашковски, зборуваше за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за јавно-приватно партнерство за формирање платформа за хеликоптерски итен медицински систем во Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР).
Тој детаљно објасни за постапката според која за избор на приватен партнер за оваа дејност се утврдува САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанија, која, како што рече, ги задоволила условите на јавниот повик и која е на SHC Swedish Helicopter Consortium AB регистрирана во Шведска.
„Обврска на приватниот партнер, односно САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, е во рок од 6 месеци да изгради 8 сертифицирани хелиодроми во 8 града во Северна Македонија, а Владата да отстапи за таа намена државно земјиште на привремено користење“, нагласи владиниот генерален секретар и како целосни дезинформации ги оцени наводите што ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе во јавноста дека овој договор ќе ги чини граѓаните и буџетот на државата 72 милиона евра.
„Тоа е злонамерна интерпретација добиена од вредноста на инвестицијата, што е трошок на приватниот партнер, помножена со бројот на годините на кои ќе биде потпишан договорот. Напротив, освен што државата овој договор нема да ја чини ни денар, двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување оваа дејност, во согласност со договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на Република Северна Македонија“, појасни Рашковски и истакна дека компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје во текот на траењето на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за вршење оваа дејност во висина од 10.000 евра годишно.
Генералниот секретар посочи и дека согласно критериумите на повикот, САРХЕМС ДООЕЛ Скопје најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување, бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата.
Тој информираше дека интерес за повикот покажале 8 компании, од кои 5 подигнале тендерска документација.
„Тоа се компаниите Babcock International, German Healtcare Services DOO Kosel-Ohrid, SHC Swedish Helicopter Consortium AB, Eli Friulia Helicopter Centar (SOS ARL), и Air Transport Europe“, откри Рашковски и додеде дека договорот за Јавно приватно партнерство треба да биде потпишан најдоцна за 30 дена од донесувањето на одлуката за прифаќање на ЈПП за оваа дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога ќе прозбори Филипче, се шири мирисот на стариот режим на Заев

Секоја чест на актерската изведба на Венко Филипче – само што народот не аплаудира, туку превртува очи, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешното обраќње на лидерот на СДСМ на партиската трибина насловена „Македонија понижена – Една година Влада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога ќе се појави Филипче се шири мирисот на стариот режим на Заев, а сите веднаш се потсетуваат на изгорените животи во модуларните болници, на кинеските вакцини платени, а неснабдени, како и на милионските тендери поделени во 4 очи со неговите пријатели од политиката.
„Човекот кој ја водеше најсрамната здравствена политика во историјата, денес држи предавања за достоинство. Навистина одличен материјал за стенд-ап комедија. Седум години ја влечевте Македонија по кал. Ги осиромашивте граѓаните, ги исплашивте инвеститорите, ги партизировавте институциите до последниот портир и ја претворивте државата во бокс-ринг за вашиот внатрешен картел.
А сега, кога конечно некој почна да расчистува, се јавува токму Венко да каже дека „немало перспектива“. Перспективата, господине Филипче, исчезна кога вие се качивте во бизнис-класата и почнавте да ги носите пријателите на скапи патувања, додека пациентите ги носеа во нестерилизирани сали со фотоволтаици што никако не стигнаа.
Сега ви пречи што новата влада наместо бизнис во Дубаи, избра работа дома. Што наместо пропаганда, избра проекти. И што наместо тендери за свои, воведе одговорност за сите. Да, се живее тешко – ама за првпат по долго време, не поради кражби, туку поради отплата на вашите долгови. Македонија не е понижена, Македонија се издигнува – а вас ве остава зад себе. И не – нема да ве чека. Затоа седнете си, одморете од лагите. Овојпат – без тендер. И јавете му се на Заев, може има некој концерт, за вас е“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Македонија е со повредено достоинство и разочарани граѓани, рече Филипче на партиска трибина

По една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНAM и ВЛЕН, Македонија не изгледа како просперитетна држава со јасна насока – туку како држава со повредено достоинство и разочарани граѓани. Ова го порача Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
„Денес, по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, вистината е болна, но мора јасно и недвосмислено да се каже: Македонија не е горда – Македонија е понижена. Понижени се работниците, понижени се земјоделците, понижени се младите кои се надеваат на својата иднина дома. Една година беше повеќе од доволно време да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага. И денес, една година подоцна, граѓаните тоа јасно го гледаат и го зборуваат“, рече Филипче.
Тој истакна дека низ директни средби со граѓани, најчестото нешто што го слушал е дека достоинствен живот не постои без достоинствени плати, без перспектива за младите, и без правен систем кој важи за сите – освен за власта.
„Вистината е болна. А вистината е дека добивме Влада иста каква што граѓаните со револуција ја сменија. Влада која работи за себе и за оние околу себе, а граѓаните ги остава сами. Влада која манипулира и ги лаже дека живеат добро, додека реалноста е тешка и неподнослива“, посочи Филипче.
Тој додаде дека денешната власт демонстрира бесчувствителност, ароганција и тотално отуѓување од потребите на луѓето.
Македонија
Македонија се гради, рече Мицкоски на пушањето на патот Гевгелија-Богданци

Патниот правец Гевгелија-Богданци официјално беше пуштен во употреба.
На настанот по тој повод, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николовски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
„До пред една година имаше еден принцип, а тоа е дека Македонија се крадеше, сега во изминативе година дена има поинаков принцип, а тоа е дека Македонија се гради и Македонија ќе продолжи да се гради“, рече Мицкоски, упатувајќи благодарност до Трајановски Николоски, вработените во министерството и јавното претпријатие, пратениците и граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николовски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски на пуштањето во употреба на патниот правец Гевгелија-Богданци
Мицкоски напомена и дека во моментот е завршува вториот повик за аплицирање на проекти коишто ќе ги финансира Владата од државниот буџет, а се однесуваат на единиците на локална самоуправа. Со оние коишто беа од првиот повик вкупно ќе има околу 1.200 градилишта, нешто за коешто Мицкоски вели дека не се случило никогаш до сега во независна Македонија, одеднаш на 1.200 точки да се работи нешто, што е многу важно, рече премиерот.
Николовски на настанот истакна дека изградбата на патниот правец Гевгелија – Богданци има огромно значење за развој на регионот бидејќи поврзува неколку општини и населени места и дава силен инпут во развој на бизнисите и подобра комуникација на жителите. Овој пат има големо значење Богданци, за Гевгелија, за Валандово и Дојран.
„Мене ми е драго што се заврши проектот, ова беше еден од заглавените проекти кои што ги наследивме, но еве се завршува, имаме еден нов модерен пат, пат кој целиот овој регион го поврзува со коридор 10. Преку тоа го поврзува со Гевгелија и со соседна Грција и Србија, го поврзува со главниот град Скопје и овозможува многу можности како за бизнис така и за размена, за студентите побрзо да стигаат до факултетите, земојделците побрзо да ги продваат своите производи и за сите кои живеат во овој дел за еден побрз напредок“, изјави Николовски.

Вицепремиерот Александар Николовски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски на пуштањето во употреба на патниот правец Гевгелија-Богданци
Инвестицијата е во вредност од 5 милиони евра, а средства се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.