Македонија
НСДП избра шеф на изборниот штаб

Централниот одбор на НСДП денес во Скопје одржа редовна седница на која се разговараше за подготовка на партијата за претстојните предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април во 2020 година. Со одлука на Централниот одбор се формираше Централен изборен штаб, со кој ќе раководи генералниот секретар на партијата Кристијан Трајковски.
Со тимот што ќе ја подготви Изборната програма ќе раководи претседателот на партијата Тито Петковски.
Во поглед на ново настаната политичка ситуација поврзана со интегративните процеси на земјата во ЕУ и ставовите на Франција во однос на европските перпективи на земјите од Западен Блакан, Централниот одбор на партијата ја афирмира потребата од постигнување на надпартиска сплотеност помеѓу сите политички чинители во земјава, пред се на парламентарните партии, во обезбедувањето на позитивна политичка клима која ќе ја олесни реализацијата на стратешката определба за полноправно членство во Европската унија.
„Во оваа насока, НСДП е на став парламентарните политички партии да демонстрираат јасна политичка волја Собраните на Република Северна Македонија, до своето распуштање во пресрет на предвремените парламентарни избори, да го донесе новиот закон за јавно обвинителство и да се одблокира работата на Комисијата за избори и именувања, со цел овозможување на функционирање на регулаторните тела кои се во нејзина надлежност.
Ценејќи го надворешно-политичкиот контекст на земјата, во кој не по своја волја и заслуга се најде Северна Македонија, НСДП ги повикува парламентарните политички партии да посветат повеќе внимание и да се вклучат во зајакнување и развивање на дипломатската активност на Собранието на Република Северна Македонија, со посебен фокус на унапредување на надворешно-политичките односи кои ги имаме со Франција“, соопштија од партијата.
На седницата на Централниот одбор уште еднаш се потврди ставот дека потребна е промена на постоечкиот пропорционален изборен модел со шест изборни единици.
„НСДП дава поддршка на промена на изборниот модел за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија во насока на пропорционален изборен модел со една изборна единица, без изборен праг“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во чест на загинатите во Пулс во Кочани се возеа велосипеди

Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот Пулс, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.
Родителите упатија прашање дали треба да се случуваат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, да дадеме поддршка и заедно да се молиме за побрзо оздравување на повредените. Порачаа дека нема да се откажат од борбата да го добијат одговорот за виновниците за трагедијата, заради правда за загинатите.
Во организацијата на велосипедската тура придонес дадоа и волонтерите од Црвен крст, членовите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, како и вработени во Полициската станица и Општата болница од Кочани.
Македонија
Сообраќајка го затвори патниот правец Дебар-Струга

Сообраќајот на патниот правец Дебар – Струга е во прекин во двата правци поради сообраќајна несреќа.
Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија, сообраќајот е во прекин од 14.30 часот.
Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.