Свет
Турција почна со депортирање на заробените терористи од ИД во САД, Германија и во Франција
Турција го оствари ветувањето за репатријација на заробените терористи на Исламската држава сигнализирајќи дека сојузниците на НАТО – Франција, Германија, Данска и САД – ќе бидат први што ќе мора да ги примат вратените џихадисти, пренесува „Брејтбарт“.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, предупреди минатата недела дека Анкара ќе почне да ги враќа милитантите на ИД во нивните матични земји, дури и ако им било одземено државјанството.
Предупредувањето на Турција дојде и покрај неподготвеноста на европските држави да ги преземат, особено Велика Британија, која дури најави дека ќе им ги одземе државјанствата на познатите џихадисти.
„Ние нема вечно да ги чуваме. Не сме хотел за Исламската држава“, изјави Сојлу.
Сега процесот почнува. Еден американски странски терорист, чија постапка е завршена, е депортиран. „Патните планови за седум странски терористички борци со германско потекло во центрите за депортација се завршени, тие ќе бидат депортирани на 14 ноември“, изјави портпаролот на Министерството, Исмаил Чатаки, цитиран од државната новинска агенција „Анадолија“.
Катаки не даде веднаш дополнителни информации за осомничените за тероризам, но рече дека тие се чуваат во центрите за депортација.
„Странскиот терористички борец од САД е депортиран од Турција кога беа завршени процедурите. Уште 11 француски државјани исто така се подготвени да бидат вратени дома“, посочи Чатаки.
Во изминатите неколку недели Турција ги критикува западните нации, вклучително и Велика Британија и Холандија, за одбивањето да ги вратат своите државјани кои ѝ се придружија на милитантната група и ветија дека ќе ги депортираат назад милитантите на ИД, дури и ако нивното државјанство е одземено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Се шири снимка од американско момче: „Велат дека сум нелегален имигрант, Трамп ќе ме фати“
Момче од Ајова, САД, беше жртва на ксенофобични коментари за време на детски фудбалски натпревар, а инцидентот стана вирален откако мајката на момчето објави видео од 12-годишното дете како плаче.
Макс е роден во САД, а неговата мајка е по потекло од Тајланд. Тој низ солзи раскажа како противничкиот голман му рекол дека е „нелегален имигрант“ и дека претседателот Трамп ќе го „фати и ќе го врати“, и покрај тоа што е американски државјанин.
Мајката на Макс, Мти Те, сподели видео на социјалните мрежи во кое нејзиниот син е видливо вознемирен по натпреварот. Во видеото, Макс зборува за тоа како се чувствува во врска со навредите и заканите за депортација, што брзо предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Според извештаите, организаторите на натпреварот се свесни за инцидентот и истражуваат што се случило за да утврдат дали ќе бидат преземени дисциплински мерки.
Тимот на Макс го освои првото место на натпреварот.
Свет
(Видео) Откако исчезнаа, два запленети венецуелски танкери повторно беа забележани кај Порторико
Два танкера за нафта запленети од американските сили претходно овој месец како дел од кампањата против извозот на венецуелска нафта беа повторно видени вчера во близина на Порторико, потврдија за Ројтерс сведок и според податоците за следење на бродот.
Станува збор за супертанкерот М Софија, запленет на 7 јануари додека транспортираше венецуелска нафта, и помалиот танкер Галилео, запленет минатата недела. Танкерите се меѓу седумте бродови поврзани со венецуелските извозни операции што беа запленети од американската војска и крајбрежната стража во последните недели.
Танкерите не емитуваа податоци за позицијата, па затоа нивната локација не можела да се следи се до средата. Другите пет запленети бродови моментално се наоѓаат во близина на американскиот Залив, во венецуелските води и во близина на Шкотска.
Свет
САД денеска официјално излегуваат од СЗО
САД денес се повлекуваат од Светската здравствена организација (СЗО), една година откако претседателот Доналд Трамп нареди повлекување од агенцијата на ОН со седиште во Женева, што нејзиниот генерален директор го нарекува „загуба и за САД и за остатокот од светот“.
Според договорот меѓу САД и СЗО, повлекувањето стапува на сила денес откако ќе истече задолжителниот едногодишен рок за известување. Теоретски, еден од условите за повлекување утврдени во договорот не е исполнет бидејќи САД не ги платиле своите претходни придонеси во целост како што е договорено.
Сепак, СЗО нема начин да бара пари или да го одбие повлекувањето, истакнува агенцијата dpa.
„Се надевам дека САД ќе ја преиспитаат својата одлука и повторно ќе се приклучат на СЗО“, изјави генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус во Женева, додавајќи дека сите губат со овој потег.
„Повлекувањето е загуба за САД, а во исто време и загуба за остатокот од светот“, рече Тедрос, додавајќи дека не станува збор за пари, туку за соработка и солидарност. Меѓу другото, СЗО има системи за рано предупредување за појава на потенцијално опасни болести.
Гневот на Трамп кон СЗО датира од пандемијата на коронавирус.
Тој се обиде да ја напушти организацијата за време на својот прв мандат, но неговиот наследник, Џо Бајден, стана претседател пред да истече едногодишниот рок и ја поништи наредбата на Трамп. Трамп ја обвинува СЗО за злоупотреба на средства и лошо управување со пандемијата.
Откако Трамп се врати во Белата куќа, САД не ги платија преостанатите членарини за 2024 и 2025 година, во вкупен износ од околу 280 милиони долари.
Со години, САД се убедливо најголемиот донатор, честопати покривајќи повеќе од 15 проценти од буџетот на организацијата. СЗО сега е принудена да спроведе програма за штедење, намалувајќи го персоналот и буџетот за околу една петтина.
фото/Depositphotos

