Економија
Анализа на Министерството за финансии: Приходите од прогресивниот и повисоката стапка на данок на личен доход пониски 51,2 отсто во однос на потенцијалот
Приходите што можеле да се приберат од прогресивното даночење и повисоката стапка на личен доход се помали 51,2 процент во однос на потенцијалот, покажува анализата на Министерството за финансии со наслове „Како до сеопфатен, фер и ефикасен данок вo Република Северна Македонија“, објавена на веб-страната на Министерството.
Вкупно, износот на остварени приходи само од прогресивната и повисоката стапка на личен доход, со анулиран ефект од пораст на плати и вработувања, за првите 6 месеци од 2019 е 12,7 милиони евра. Потенцијалниот приход, доколку субјектите не го променeле своето однесување, ќе бил 19,2 милиони евра. Оттука, вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, што претставува 51,2 процент од прибраните приходи од прогресивниот и повисокиот данок на доход. Тоа се средства што буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, пишува во анализата.
Потенцијалните објаснувања за промената на однесувањето на обврзниците се дека мерката била воведена во специфичен политички и општествено-економски контекст. Исто така, обврзниците имале чувство дека не биле консултирани, како и дека не добиваат повеќе и подобри услуги, а плаќаат повеќе.
Високиот удел на сивата економија, односно меѓу 30-40 отсто, е уште едно од објаснувањата за промена на однесувањето на обврзниците. Гледајќи дека има висок степен на неформална економија, обврзниците имаат став: „зошто јас да плаќам повеќе ако тој не плаќа воопшто?“, се вели во анализата.
Анализата посочува дека покрај дизајнот на самото решение на даночната реформа, еднакво важни е и начинот и времето на спроведување.
Понатаму, во анализата се наведува дека Република Северна Македонија спаѓа во земјите што имаат умерено ниво на доходна нееднаквост, мерена според коефициентот „Џини“, што значи дека постои нееднаквост, но таа е умерена. За да може да се влијае на понатамошно намалување на нееднаквоста со даночна политика, пред сѐ, треба да се решат поголемите проблеми, како намалување на даночната евазија и зајакнување на транспарентна и ефективна алокација на буџетските средства. Имено, за да се воведе прогресивното даночење како коректор за нееднаковста, неопходно е да се создадат клучните предуслови.
Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството. Доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни и врз основа на објективни анализи и истражувања. Доколку се зајакнати механизмите за елиминирање на сивата економија во рамките на холистички пристап во согласност со Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2018-2022 и нејзино унапредување. Исто така, се наведува дека треба да се подигне довербата во институциите, како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар.
Анализата можете да ја видите на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

