Македонија
Владата ги повлече најавените измени на Законот за јавните собири

Владата ги повлекува предлог-измените на Законот за јавните собири.
Од владината прес-служба информираат дека ги слушнале забелешките на граѓанските организации за најавените предлог-измени на Законот за јавните собири и на денешната 164. седница одлучиле да ги повлечат предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација.
„Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот“, се вели во владиното соопштение.
Предлог-измените на Законот вклучуваа бројка од најмалку 50 граѓани наместо досегашните 20 за одржување јавен собир. Во предлогот стоеше и дополнителна регулатива според која јавен собир заради мирно изразување мислење или протест не може да се одржува до здравствени установи, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив, на автопатишта, магистрални и регионални патишта, железнички пруги, на други места од витално значење за непречено одвивање на сообраќајот (тунели, премини на пат преку железничка пруга, мостови, надвозници, подвозници, гранични премини, пристап до гранични премини и крстосници), во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт, во седиштата на странски дипломатско-конзуларни преставништва и нивни резиденции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Стразбур: Потврдена посветеноста за унапредување на демократијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стразбур, денеска оствари одвоени средби со Генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Шацивасилиу, и со Вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (CEB), Томаш Бочек.
На средбата со Генералниот секретар Деспина Шацивасилиу беше потврдена посветеноста на Република Северна Македонија за унапредување на демократијата, владеењето на правото и човековите права, како и активното учество на нашата држава во рамки на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Со Вицегувернерот Томаш Бочек беше нагласена континуираната поддршка и конструктивната соработка со Банката за развој на Советот на Европа преку реализираните проекти на CEB во Северна Македонија. Воедно, беа разгледани конкретните можности за понатамошно продлабочување на оваа соработка во контекст на европската интеграција и регионалната стабилност.
Македонија
Откако Филипче замина во Франција да лобира за Македонија, владата падна, очекуваме да видиме каков Француски предлог ќе донесе повторно, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Откако Венко Филипче замина во Франција, владата падна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И откако Венко Филипче отиде да лобира за Македонија очекуваме да видиме како ќе излобира, и каков Француски предлог повторно ќе донесе, откако еднаш веќе ја забетонираа државата во место со нивното лобирање.
Исто така очекуваме да видиме како Венко Филипче ќе ги заштити Македонските интереси откако еднаш ги избриша“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, кога Венко Филипче лобира за Македонија и македонските интереси, народот главата го боли цела година потоа.
Македонија
Работна средба на Јавното обвинителство и ДИК во пресрет на локалните избори 2025

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, денеска остварија средба со делегација од Државната изборна комисија (ДИК), составена од претседателот Борис Кондарко, заменик-претседателот Абдуш Демири и членовите Светлана Карапетрова и Александар Даштевски.
Двете институции се договорија да ја зајакнат меѓуинституционалната координација во рамките на своите законски надлежности за организација и следење на изборниот процес на претстојните локални избори.
Јавното обвинителство и Државната изборна комисија посветено работат за да ги овозможат сите услови за фер и ефикасен изборен процес, велат од таму.
Јавниот обвинител Коцевски ги информира претставниците на ДИК дека колегиумот на Јавното обвинителство на РСМ донесе заклучок и за овој изборен процес да се формира привремена комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
Комисијата ќе има задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејства за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
За претседател на комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе членуваат и по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства, како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство што покрива најголемо подрачје.
Јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, ќе може да достават поднесок/пријава до комисијата за следење изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected], која ќе биде активна и за овој изборен процес.